Ќе се подобрува практичната применливост на Законот за електричен и електронски отпад

Mинистерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаирии амбасадорот на Унгарија во Р. Македонија, Н.Е. Јожеф Бенце се обратија на отворањето наконференцијата на тема„Закон за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема – како до успешна практична примена“ која се одржа со цел да ги лоцира отворените прашања од аспект на практичната применливост на регулативата и да даде насоки за нејзина натамошна успешна имплементација.

Во своето излагање министерот Изаири ја нагласи потребата од дискутирање на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема во државата, особено поради фактот што и по две години од неговото стапување на сила, се соочуваме со проблеми при неговата имплементација.

„Праксата покажува дека недостасува посилна кампања и промоција на законските одредби, но и детектирање и надминување на евентуалните недостатоци во системот. Очекувам денешнава конференција да биде стимулативна, особено за градоначалниците кои се непосредни чинители во процесот на воспоставување на структурата неопходна за процесот на имплементација на Законот“– истакна Изаири.

Според амбасадорот Бенце, Владата на Унгарија со задоволство ќе продолжи да дава помош и поддршка за правилно спроведување на регулативата. Амбасадорот нагласи и дека освен потребата правилно да се складира и да се рециклира штетниот електричен и електронски отпад, неопходна е и соодветна подготовка на населението, што опфаќа едукација на младите на полето на здрава и чиста животна средина како и вклучување на образовните институции и медиумите во подигнувањето на јавната свест за ова прашање. Тој додаде дека првите чекори во таа насока, од страна на Унгарската амбасада во соработка со комуналната компанија „Еко Клуб“, веќе се направени со поставување на 200 канти за тој вид на отпад на потегот Табановце – Гевгелија и Скопје – Кичево.

Моментално во ЕУ се продаваат од 11 до 12 милиони тони електрична и електронска опрема годишно, што е причина за создавање големи количини на отпад. Околу 90% од електричниот и електронски отпад се отстранува на депонии, согорува или повторно се искористува без било каков претходен третман. На тој начин, загадувачките материи, како што се тешките метали и други, завршуваат во почвата, водата и воздухот и претставуваат значителен ризик по здравјето на луѓето и животната средина. Од друга страна, тој отпад може да содржи злато и други скапоцени метали, како и челик, пластика, стакло и други материјали кои може да се рециклираат. Истите се премногу вредни за да се користат само еднаш пред да се исфрлат, што наметнува потреба од соодветно управување со отпадна електрична и електронска опрема.

На Конференцијата се обратија и претседателот на Асоцијацијата на секундарни суровини и рециклатори, Владо Момировски, а во рамки на истата, претставници на сертифицирани рециклатори на електричен и електронски отпад од Р.Унгарија ги споделија сопствените искуствата околу оваа проблематика.

6 5 2