Честитка од премиерот Груевски по повод 7-ми мај

Премиерот и претседател на Владата на Република Македонија, Никола Груевски упати честитка по повод 7-ми мај, Денот на полицијата. Во неа стои:

„Почитувана г-ѓа Јанкулоска,

Дозволете ми во мое име и во име на Владата на Република Македонија да Ви го честитам Вам и на сите припадници на МВР, 7 мај – Денот на македонската полиција и да Ви посакам да продолжите со успех да работите во остварување на безбедноста на граѓаните и државата.

Денес, како резултат на глобалниот тероризам, организираниот криминал и трговијата со луѓе, прашањето на безбедноста станува исклучително актуелна тема како во светски рамки, така и на регионално и национално ниво. Ваквите безбедносни предизвици ја нагласуваат улогата на полицијата како исклучително важен чинител во овозможувањето на целосна заштита на човековите слободи и права, спроведувањето на законите и одржувањето на јавниот ред и мир.

Како резултат на реформите кои што се спроведоа изминатите години во полицијата и генерално во ресорот за внатрешни работи во Република Македонија, како и континуираните вложувања во опрема и обуки на полициските службеници, македонската полицијата покажа голема професионалност, ефикасност и бескомпромисност во справувањето со криминалот и безбедносните предизвици. Особено е значајно да се истакне улогата на полицијата во спасителните акции и ангажманот за време на природни непогоди, како и нејзината работата во заедница и јакнење на довербата и врските со граѓаните во напорите за превенцијата на криминалот.

Како резултат на ваквиот ангажман, довербата на граѓаните во полицијата се повеќе се зголемува а полицијата несомнено стана гарант за безбедноста, јавниот ред и мир во општеството. Ваквата улога на полицијата во изминативе недели, а особено овие денови, е ставена на тест, кој до сега успешно го положи. Како ретко каде на друго место во светот, полицијата покажа голема воздржаност, професионалност и пожртвуваност, стоички ги издржа вандалските напади по цена на голем број на повредени полициски припадници, со цел да не дозволи ескалација на насилствата и влегување во сценариото на оние кои не му мислат добро на македонскиот народ и држава. Во наредниот период останува да се продолжи со истиот пристап во справување со безбедносните предизвици и одржување на јавниот ред и мир. Нема да биде лесно, но уверен сум дека вашето знаење и искуство ќе помогне за полесно справување со сите предизвици и закани.

На крај, дозволете ми да се заблагодарам на сите полициски службеници на досегашната пожртвувана работа и да им посакам многу успех, здравје и просперитет на личен и професионален план.“– стои во честитката.