СВР Охрид го одбележа Денот на полицијата

Во Секторот за внатрешни работи во Охрид, денеска свечено беше одбележан 7-ми мај , Денот на Македонската полиција. На свеченоста, се обрати и претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска, која изрази задоволство од соработката на локалната самоуправа со СВР Охрид и резултатите кои ги постигнува секторот во својата работа, резултати кои директно влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните во Охрид и се одразуваат врз квалитетот на престојот на сите оние кои го посетуваат градот.

„Задоволство е што неколку години по ред Охрид го потврдува имиџот на мирен и безбеден град. Бројот на несакани настани од типот на нарушување на јавниот ред и мир се намалува и тоа е нешто за што сите ние како граѓани и вработени треба да им се заблагодариме на вработените во секторот“, рече Коњановска.

Според началникот на СВР Охрид Оливер Ефтимов, полицијата работи професионално и посветено, со целосно почитување на човековите права.

„СВР Охрид на целото пoдрачје кое го покрива, своите обврски на безбедносен план ги извршува професионално, пожртвувано и посветено. Законитоста во работењето, професионализмот, транспарентноста се основниот белег во нашата комплексна и легитимна полициска работа“ , рече на денешната свеченост по повод Денот на македонската полиција, началникот на Секторот за внатрешни работи Охрид, Оливер Ефтимов.

 Пред присутните се обрати и портпаролот на охридската полиција, Стефан Димоски.

„Денес на 7 мај-денот на македонската полиција и ден на безбедноста, гордо кажуваме дека СВР Охрид е современа полициска организација која им служи на граѓаните. СВР Охрид, ефикасно работи во одржувањето на јавниот ред и мир, во борбата против сите видови криминалитет, во откривањето на сторителите на казнените дела и во другите сегменти од полициските работи, применувајќи ефикасни правни и демократски процедури и стандарди.“ – рече во својот говор Димоски.

Во текот на првото тромесечие од оваа година, на подрачјето на СВР-Охрид регистрирани се вкупно 447 кривични дела од сите области што претставува намалување за 19% во однос на истиот период минатата година кога сме евидентирале 555 кривични дела.

„Во делот на класичниот криминалитет, во овој три месечен период регистрирани се 372 кривични дела. Тоа е намалување за 25 % во однос на периодот јануари-март 2014 кога имало 499 кривични дела.

Зголемување на регистрирани казнени дела бележиме во областа на економски криминалитет. Во првото тромесечие регистрирани се 30 казнени дела а во истиот период лани (26) кр.дела.

Смален е бројот на регистрирани тешки кражби за 30%. Во периодот јануари-март на ниво на СВР Охрид сме регистрирале 194 а лани во истиот период 294 тешки кражби. Вложен е голем напор во расветлувањето на овие казнени дела и пронаоѓање на сторителите со што ефикасноста на службата е зголемена и достигна 44 проценти во однос на ланските 32 проценти. Во текот на I-то тромесечие од 2015 година на подрачјето на СВР-Охрид, ЈРМ не е нарушен во поголем обем и со потешки последици. Вкупниот број на прекршоци од областа на ЈРМ е ист во споредбените периоди и изнесува 129.“- истакна Димоски.

Тој потенцира дека безбедноста во сообраќајот е значаен сегмент од работата на СВР Охрид.

„Со деноноќно присуство на сообраќајниците, ПС БПС низ превентивни и реактивни мерки делува кон намалување на бројот на случени сообраќајни незгоди. Во првото тромесечие годинава случени се 56 сообраќајни незгоди со потешки последици што претставува намалување во однос на истиот период лани кога сме регистрирале 67 вакви незгоди. Соодносот на настраданите лица е 100 годинава со 104 лани односно 4 загинати годинава со три загинати лица лани во периодот јануари-март.“– рече Димоски.

Во однос на транспарентноста, како што рече Димоски, денес СВР Охрид, впрочем како и целото Министерство, претставуваат целосно транспарентна полициска институција која секојдневно и постојано остварува активна и професионална комуникација со медиумите и јавноста.

„Од своето постоење во 2008 до сега, канцеларијата за односи со јавноста до граѓаните навремено и објективно испратила близу 1300 соопштенија, реализирала близу 600 брифинг средби со новинари и близу 270 прес конференции за случени безбедносни настани. Пред домашни и странски новинари биле дадени над 500 изјави, а биле остварени 50-тина гостувања во локални и национални медиуми. Јавност во работата на полицијата претставува сигурна формула за успешно извршување на полициските активности, тоа е трајна стратегиска определба на СВР Охрид и тоа е наша обврска кон граѓаните. Тоа е обид плус за градење партнерство со граѓаните во решавањето на локалните безбедносни проблеми но и современа алатка за градење меѓусебна доверба.“– додаде Димоски.

Димоски на сите полициски службеници, им го честита 7 Мај Денот на македонската полиција и им посака успешна понатамошна работа.

Во рамки на одбележувањето на празникот, претставници на СВР Охрид, денес ја посетија детската градинка „Јасна Ристеска“ каде присуствуваа на пригодна претстава. Децата од градинката заедно со ученици од ОУ „Братство и единство“, го посетија Секторот за внатрешни работи Охрид, каде се запознаа со работата на СВР Охрид и имаа можност да видат дел од опремата и материјално-техничките средства од полицијата и Територијалната против-пожарна единица од Охрид.

Den_policija_7_4851