Примената на Договорот за социјално осигурување меѓу Република Македонија и Црна Гора, проширување на модалитетите за соработка меѓу ФЗОМ, решенијата и новините кои ги воведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија, како и предизвиците за подигнување на квалитетот на здравствените услуги, добрата пракса и успешните проекти беа тема на еднодневната официјална посета на делегацијата на Фондот за здравствено осигурување на Црна Гора. Посетата на Фондот за здравство е на иницијатива на црногорската делегација.
Директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани, ја поздравија делегацијата и ја запознаа со структурата и работата на ФЗОМ, како и со функционирањето на македонскиот здравствен систем во целост. Добрата пракса и успешните реализирани проекти на ФЗОМ, како и на македонскиот здравствен систем, како што се, електронските услуги, зголемениот број услуги во здравствениот систем, подобрата дијагностика, зголемената достапност на лекови преку дисперзија и отвороње аптекарски станици, претставуваат големо олеснување за осигурениците, кои сега многу поквалитетно и побрзо ги остваруваат своите права.
Др Кенан Храповиќ, директор на Фондот за здравствено осигурување на Црна Гора искажа благодарност од приемот во Фондот за здравство, искажувајќи пофални зборови за планот и програмата која ја презентираа директорите на ФЗОМ. Тој нагласи дека македонските искуства и пракса се исклучително интересни и корисни за Фондот за здравствено осигурување на Црна Гора. Храповиќ, истовремено ги информираше директорите на ФЗОМ за новините и проектите што ги преземаат во Црна Гора и укажа дека е неопходно да се разменат и негативните искуства за да може да се спречат проекти кои имаат слаба шанса за успех.
Беше договорено соработката да продолжи и понатаму со размена на информации и искуства што ќе придонесат за понатамошно унапредување на здравствениот систем.