Традиционалниот меѓународен турнир во борење „Македонскиот бисер“ претстојниот викенд ќе се одржи во Радовиш.
Ова ќе биде 39. издание, во годината кога се одбележуваат две децении од еден од најголемите успеси на македонското борење и македонскиот спорт воопшто, кога екипата БК „Бучим – Јака“ во 1995 година ја освои титулата Европски клупски шамион во борење слободен стил.
„Борењето е дефинитивно најтрофејниот олимписки спорт во нашата земја и претходните резултати на нашите борачи ми даваат за право да констатирам дека ќе се врати во полн сјај и ќе го зацврсти приматот на спорт, по кој Република Македонија е препознатлива во светот. Годинава, решивме „Македонскиот бисер“ да го одржиме во Радовиш, град со богата историја, познат по своето гостопримство и вредни луѓе. Но познат и по борењето. И не случјано го сторивме тоа. Годинава се одбележуваат 20 години од еден од најголемите успеси на македонското борење и македонскиот спорт, кога екипата БК„Бучим – Јака“ во 1995 година ја освои титулата Европски клупски шамион во борење слободен стил во Париз – Франција, за да една година потоа го продолжи својот победоносен од со освојувањето на првото место на Светскиот интерконтинентален куп во борење, одржан 1996 година во Радовиш“, – изјави на прес-конференција директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
Агенцијата секоја година дава поддршка на оваа манифестација, а за организацијата на 39.издание од „Македонскиот бисер“ се издвоени 500.000 денари.
На турнирот ќе учествуваат околу 50 борачи од Бугарија, Белорусија, Србија, Словачка, Косово, БиХ, Унгарија, Турција и секако домаќинот Македонија. Македонска репрезентација ќе настапи со два тима: А тим: Иван Јанев, Јасин Реџалари, Дејан Митров, Бехар Махмути, Бесмир Веселовски, Халил Зубаиров, Дејан Богданов и Бобан Данов. Б тим: Николче Петров, Адил Адили, Давор Тасев, Бобан Савев и Ердал Раимов.
Пристигнувањето на натпреварувачите е денес, во сабота претпладне се елиминациските борби, а попладне финалните. Натпреварувачите заминуваат во недела.