Министерот Тодоров се сретна со медицинскиот тим од Куманово

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во Куманово ги посети Општата болница и службата за Итна медицинска помош при Здравствениот дом.

Тодоров се сретна со докторите, медицинските сестри и останатиот персонал, кои беа ангажирани за време на настаните изминатите два дена. На средбата, министерот беше детално запознаен со постапувањето на медицинските тимови околу третманот на повредените лица. Воедно, министерот лично упати благодарност до медицинските тимови за навремената реакција, пожртвуваноста, максималните заложби за укажување помош на повредените, како и покажаната професионалност и стручност, соопшти Министерството за здравство.

Во рамки на посетата на Куманово, министерот Тодоров се потпиша во отворената книга на жалост и придружуван од пратеникот Зоран Ѓорѓиевски се сретна со локалното население.