Арсовска Томовска во посета на Италијанската национална школа за администрација во Рим

Заменик министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, ја посети Италијанската национална школа за администрација во Рим, каде оствари средба со претседателот на школата проф. Џовани Триа.

Целта на посетата беше да се согледаат конкретните можности за воспоставување директна соработка на Република Македонија со Италијанската национална школа за администрација, во насока на размена на искуства и курикулуми за обуки, со цел зајакнување на капацитетите пред сè на раководните структури во администрацијата во Република Македонија.

На средбата се дискутираше за актуелните реформи во јавната администрација во двете земји, како и искуствата од новите законски решенија, со цел подобрување на степенот на професионалност, ефективност и компетентност во работењето.

Претставниците на Италијанската национална школа за администрација, основана во 1957 година, го презентираа нејзиното национално и меѓународно значење, како дел од Претседателството на Советот на министри на Република Италија.

На средбата беа присутни Мери Атанасовски, советник на претседателот на Владата на Република Македонија за човечки ресурси и образование, како и почесниот конзул на Република Македонија во Италија, проф. Марчело Вернола.