Средба на делегации на министерствата за одбрана на Македонија и Латвија

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски денес и утре е домаќин на својот колега од Латвија, Рејмондс Вејонис. Во рамки на денешната програма во Министертсвото за одбрана, двете делегации предводени од министрите за одбрана остварија средба на која се дискутираше за продолжување и продлабочување на одличната соработката во одбраната. На средбата се разменија мислења за актуелните политички и геостратешки ссостојби во регионот, Европа и пошироко, интеграцијата на Република Македонија во НАТО и ЕУ, воспоставување на соработка на полето на високото образование и обуките за воените лица, како и можноста за заедничко учество во мировни операции како во НАТО, така и во ЕУ мисиите. За време на средбата, министерот Јолевски посочи дека овој денешен состанок е само дополнителен импулс во натамошниот развој на билатералната соработка особено на полето на одбраната помеѓу двете земји. Тој во оваа прилика изрази благодарност до својот колега за поддршката која Латвија и ја дава на Република Македонија во остварувањето на нејзините аспирации за членство во НАТО и ЕУ и дополнително посочи дека Република Македонија е целосно посветена во остварување на овие цели и дека има огромна поддршка од граѓаните за членство во Евро-атлантското семејство и Европската унија.

Во изјава за медиумите, министерот Јолевски истакна дека билатералните односи меѓу двете земји се одлични и дека е договорено да се продолжи со соработката во таа насока. Според Јолевски се разгледаа можности за воспоставување на соработка во областа на високото образование и во обуката на високите офицери. Министерот за одбрана на Република Македонија додаде дека преставници на АРМ учествуваа на командно штабните школи во Латвија што преставува голем придонес за Армијата. Министерот Јолевски порача дека за време на средбата помеѓу двете делегации се разговарало и за учество и користење на капацитети од страна на претставниците на Армијата на Република Латвија во Република Македонија како што се Регионалниот Центар за односи со јавност, Центарот за обука на пилоти и Воената академија во Скопје каде што идната година еден семестар ќе се предава на англиски јазик.

Министерот Јолевски додаде дека за време на средбата на својот колега му ги претставил аргументите во однос на прашањето зошто Република Македонија треба што поскоро да добие покана за членство во НАТО.

„Интеграцијата на Република Македонија во НАТО и ЕУ е добра за стабилноста и просперитетот не само на Македонија туку и на целиот регион и на овој дел од Европа“, рече Јолевски.

Министерот за одбрана на Латвија, Рејмондс Вејонис, во изјавата за медиумите најнапред го изрази своето сочуство за трагичните настани кои се случија во Република Македонија.

Министерот Вејонис во оваа прилика изјави:

 „За нас е многу важно да го одржуваме дијалогот и врските со нашите пријатели и партнери. Латвија отсекогаш ги поддржувала аспирациите на Македонија за зачленување во НАТО и ЕУ. Многу ми е мило што гледам дека сте постигнале многу во текот на овие години во поглед на одбраната и безбедноста како што гледам развојот на вашите вооружени сили и придонесот кон меѓународните операции и тесната соработка се многу важни фактори кон вашиот пат кон НАТО. Латвија е дефинитивно горда да ја нарече Македонија свој пријател“.

Министерот Вејонис додаде дека Латвија која во моментов претседава со Советот на ЕУ ја подвлекува важноста од прием на нови членки кои ги споделуваат истите норми и вредности со нас и кои работат кон исполнување на неопходните критеируми за влез. „За нас е многу значајно да ја зацврстиме соработката со Македонија и во текот на средбата дискутиравме за начини и насоки со кои би се одвивала идната соработка“ – додаде Вејонис.

Министерот Вејонис во својата изјава дополнително додаде дека еден од клучните фактори за понатамошен развој и за зачленување во НАТО е зголемувањето на Буџетот на одбраната, кој е еден од најважните фактори што има влијание за развој на Армијата т.е. инвестирањето во способностите на Армијата, развивањето на интероператибилноста со повеќе земји членки од НАТО.

На средбата помеѓу двете делегации присуствуваше и Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник, Горанчо Котески кој посочи дека Армијата на Република Македонија е во процес на трансформација и за време на овој процес се работи истовремено и на модернизација на Армијата. Овие процеси се значајни за подигнување на способноста на припадниците на АРМ како и интероперабилност со нашите партнери.

DSC_3121_resize DSC_3030_resize DSC_3135_resize