Германската компанијата AEG Industrial Engineering Aktiengesellschaf гледа на Македонија како на главен енергетски центар за регионот, изјави денеска извршниот директор AEG Хајнрих Отерпол, кој со компаниска делегација престојува во посета на Македонија.
На средба во Владата со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, Отерпол рекол дека е многу задоволен со можностите за инвестирање во Македонија поради што компанијата ги разгледува можностите да инвестира во енергетски проекти во државава.
Причина за средбата е одлуката на AEG Industrial Engineering од пред три недели за влез на македонскиот пазар и за основање претставништво во Македонија, сопшти Кабинетот на вицепремиерот Пешевски.
Пред претставниците на AEG вицепремиерот Пешевски, заменикот министерот за економија Христијан Делев и директорот на ЕЛЕМ Дејан Бошковски ги претставиле реформите што се спроведуваат во деловната клима и даночната политика, како и стратешките енергетски инвестициски проекти во државата.
„Вицепремиерот Пешевски истакна дека за Република Македонија е од особено значење што една компанија од толкави размери, со 128 годишна успешна историја во работењето, ќе биде присутна на македонскиот пазар и што пројавува интерес да инвестира во Република Македонија, со што ќе придонесе за развојот на македонската економија“, се вели во соопштението.
AEG Industrial Engineering Aktiengesellschaft е компанија специјализирана за производство на извори за електрична енергија, компоненти за енергетско управување, контрола и дистрибуција на електрична енергија, како и за производство на други механички и електронски апарати и делови за автомобилскиот, железничкиот и бродскиот транспорт. Компанијата е дел од групацијата AEG (Allgemeine Elektrizitäts-Gesellschaft ), која започна со работа во 1887 година во Берлин и се смета дека таму се поставени темелите на индустрискиот дизајн. Оваа групација во 2004 година е инкорпорирана во групацијата „Електролукс“.