Слобода на религијата и создавање свет безбеден за различноста“ – трибина во рамките на иницијативата „Духовни Дијалози“

Во рамките на иницијативата „Духовни Дијалози” покрената од Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија се одржа трибина на тема „Слободата на религијата и создавање свет безбеден за различноста”.

На трибината модерирана од Проф. Бранислав Саркањац покрај претседателот Иванов, учествуваше и Проф. д-р Оз Гинис, еден од водечките социолози на религијата, политички коментатор и автор на бројни книги.

Во своето обраќање пред присутните, Претседателот Иванов зборуваше за македонскиот модел на соживот, како и за концептот кој е изворен во Република Македонија, а тоа е почитта меѓу верските заедници, наместо толеранцијата.

„Македонија ја има таа традиција која е можеби различна од некои земји на Балканот и во Европа. Со доаѓањето на демократијата, особено преку Охридскиот рамковен договор, ние ја имаме имплементирано и во нашиот политички систем односно во нашиот Устав, а тоа е традицијата на вклученост наместо исклученост. Ја имаме не само во Охридскиот договор, туку и во манифестите од нашето минато како што се Крушевскиот Манифест и Манифестот на АСНОМ. Таа традиција создава интеграција без асимилација, почит наместо толеранција,” рече Претседателот Иванов.

Претседателот Иванов потенцираше дека мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско Куманово претставува Македонија во мало, и дека постоеше насилен обид да се наруши највредното што го имаме – а тоа е македонскиот модел на соживот и почитување на различноста, но дека македонските граѓани тоа не го дозволија. Таа традиција, додаде македонскиот претседател, има голема улога во одржувањето на Република Македонија, особено во време на предизвици.

Професорот Гинис еден од најбараните социјални коментатори од САД, се осврна за важноста на религиската слобода како фундаментално право на секој човек, за влијанието на религиите, како и за различните модели на религиска слобода кои денес постојат во светот.

„Првата причина за важноста на религиските слободи е тоа, што таа е прва од сите човекови права. Таа оди заедно со трите политички права како што се совеста, говорот и можноста за собирање. Втората важна причина е што религиската слобода е тајната на едно граѓанско општество. Општеството е здраво ако има слој од волонтерски организации во кои луѓето се слободни да го вложуваат своето време, енергија и пари, во она во што веруваат, и на тој начин да ги прават реформите. Третата причина е што религиската слобода е клучот за хармонија во едно општество. Различноста заедно со слободата ја даваат таа хармонија” рече професорот Гинис.

Меѓу гостите на дискусијата беше и г-ѓа Валентина Божиновска, Директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, претставници на образовни и академски институции, меѓу кои и од Православниот Богословски Факултет „Св. Климент Охридски” од Скопје, Државниот Универзитет во Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово, Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, како и претставници од невладиниот сектор во Република Македонија, кои активно работат на полето на меѓу-религискиот дијалог.

tribina_3