Кривична пријава за лица од Велмеј кои нападнале полицаец

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „спречување на службено лице во вршење службено дејствие“ и „напад на службено лице при вршење работи од безбедноста“, Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против С.П.(24) И.П.(22) и И.С.(22) сите од охридското село Велмеј.

На 19-ти овој месец, тројцата пријавени извршиле физички напад врз полициски службеник од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај. Настанот се случил во 04 часот и 10 минути на булеварот „Туристичка“ во Охрид, каде сообраќајната полиција извршувала плански сообраќајни контроли и други мерки согласно законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

При контрола на патничко моторно возило марка „Опел вектра“ со охридски регистарски таблици, пријавениот С.П. одбил да ги покаже возачките документи по што, брзо и со видливо агресивно однесување излегол од возилото. Веднаш по него излегле и двајцата други пријавени кои биле во автомобилот. Во истиот момент С.П. физички го нападнал полицискиот службеник задавајќи му неколку удари со раце и нозе по телото. Во нападот се вклучиле и двајцата пријавени кои на ист начин физички го нападнале полицискиот службеник.

И покрај активниот отпор, набрзо тројцата напаѓачи биле приведени и лишени од слобода и по брза постапка предадени на Основното јавно обвинителство во Охрид.