Триесет и пет македонски резби од 14-ти до 20 век изработени од охридски мајстори ќе бидат претставени на изложбата „Уметноста на македонската резба – традиција и континуитет“ во рамки на 47.манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“ во Рим …
Изложбата ја организира Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид и ќе биде отворена на 23-ти мај во комплексот „Виторијано“ на фреквентниот плоштад „Венеција“. Посетителите и туристите на италијанската престолнина ќе може да ја видат до 7 јуни.
Отворањето на изложбата ќе биде придружено со концерт на Дуке Бојаџиев, кој ќе изведе авторска музика.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција истакна дека со изложбата на резбите ќе биде потврдена виталноста на македонската вековна традиција.
„Доминираат артефакти од дрворез – резби создавани од крајот на 13 век, иконостаси кои се симбол на препознатливост на охридските цркви, релјефни икони со светители и библиски сцени и уметнички резби со фасцинантна орнаментална декорација. Тука се и врвните уметнички дела на 11 автори, современи охридски резбари од четири различни генерации кои денеска ја негуваат традицијата на овој исклучително суптилен уметнички занает“, рече Канческа-Милевска.
Директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали-Бунташеска соопшти дека изложбата ќе биде хронолошки пресек на на резбарската традиција во Охрид, почнувајќи од највредните експонати кои ги има Заводот кои датираат од 14-ти до 20 век, се до дела на современи охридски резбари.
„Тоа сведочи дека оваа вековна традиција, која претставува спој на занаетот, уметноста, талентот и љубовта кон убавото, непрекинато живее и го создава нашето ново културно наследство. Во Охрид денес работат триесетина резбари. Иако не постои резбарско училиште, резбарската традиција непрекинато им се пренесува на младите генерации“, рече Паскали-Бунташеска.
Посочи дека охридските резбари направиле многу ремек-дела кои се наоѓаат низ светот, изработувале нарачки – таваници, ентериери, работни кабинети, иконостаси, владички престоли, саркофази… најчесто од оревово дрво, во различни резбарски техники и разновидни мотиви – христијански, орнаменти на флора и фауна…
Најстари зачувани артефакти од дрворез во Охрид се релјефната икона Св. Климент Охридски од крајот на 13 век, еднокрилната врата од црквата Св. Никола Болнички и иконостасот во Св. Врачи Мали од 14 век.
Културното наследство на Македонија и во изминатите години беше претставувано на изложби во склоп на манифестацијата во чест на свети Кирил. Меѓу нив беа „Македонските бронзи“, „Античките теракотни фигурини од Македонија“, архивската изложба „Македонија низ вековите“, како и минатогодишната изложба „Словенските ракописи од Македонија од 13-ти до 19 век“ која беше отворена во Ватиканските музеи.