Во Националната установа ЦК ,,Григор Прличев“, денес се одржа 13-та Фолклорна ревија на песни,музика и игри, од Осмиот регион на која покрај претставници од Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца настапија и фолклорни групи, дуети и солисти од Здруженијата на пензионерите од Струга,Кичево,Дебар,Македонски Брод,Гостивар,Вевчани и Лабуништа. Повеќе од 120-те фолклористи се претставија со староградски рефрени и изворни песни и ора од руралните средини.
Ревијата за отворена ја прогласи заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.
„Велат дека активностите во третото доба, многу зависат од духот кој го носиме во себе, за да можеме со младешка жар да му се радуваме на животот. Човек не може да остане рамнодушен кога ќе Ве погледне видно расположени, ведри и полни со ентузијазам на вашата 13 –та традиционална ревија на песни, музика и игри. Во името на градоначалникот Никола Бакрачески и во свое лично име ви посакувам успешна ревија, пријатно дружење и долги години на славење на Вашата манифестација, со која го збогатувате културното живеење во Охрид. Ние во локалната самоуправа посветено работиме на реализацијата на проектот за изградба на пензионерски дом, со што ќе се отвори соодветно опремен простор за креативно исполнување на слободното време за пензионерите.Уверен сум дека охриѓани ќе бидат одлични домаќини на гостите од југо- западниот регион и дека следната манифестација ќе ја дочекате со истиот ентузијазам и желба за песна и игра. Верувам дека со вашата игра и песна ќе покажете дека и во третото доба може да се биде инвентивен и да се даде придонес во зачувувањето на нашата традиција. Дозволете ми, уште еднаш да Ви посакувам успешна ревија, крепко здравје и долги години живот“ – истакна Јанев.
По завршувањето на Фолклорната ревија, на преставниците на градовите учесници,преставник на Комисијата за култура при СЗПМ им врачи благодарници.