Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до припадниците на Влашката заедница во Република Македонија, по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите.
„Годинава одбележуваме значаен јубилеј – 110 години од признавањето на вистината дека Власите се посебен народ, со свој сопствен јазик, автентична култура и долга традиција. Како нераздeлив и неотуѓив дел од Македонија, Власите ја делеа и судбината, но и желбата и напорите за слобода и независност на заедничката татковина.
Затоа, во духот на македонскиот модел на соживот и почитување на различноста, Република Македонија постојано создава услови за остварување на правото на самоидентификација на Власите, бидејќи, единствено Власите можат да кажат сами за себе кои се и што се, и никој друг не може да зборува во нивно име. Почитувајќи го правото на човечко достоинство изградивме односи на заемна доверба и почит, кои се пример за сите македонски граѓани, независно од етничката, верската, јазичната или која било друга припадност.
Јубилеите што ги славиме се можност, потсетувајќи се на славното минато да имаме и одговорен однос кон сегашноста за да ја обезбедиме иднината за поколенијата што доаѓаат по нас. Почит кон предците, но и обврска кон потомците е да се зачува влашкиот јазик. Притоа, обврска кон мајчиниот јазик не е само да се знае и да се сака, туку и постојано да се чува како ризница на културата на еден народ затоа што довербата во сопствениот јазик претставува и доверба во себеси.
Со такво уверување, на сите припадници на влашката заедница во Република Македонија им го честитам 23 Мај, потенцирајќи ја потребата од заемно почитување, благосостојба и меѓусебно разбирање.“– стои во честитката.