Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и министерот за привлекување на странски инвестиции, Џери Наумоф, во Рим, Република Италија остварија средба со италијански стопанственици на кои им беа презентирани можностите за инвестирање во Република Македонија.
На средбата присуствуваа сопственици и менаџери на компании од повеќе различни сектори како што се автомобилската, електронската, текстилната и дрвната индустрија, како и од и енергетскиот сектор.
Премиерот Груевски по средбата изјави дека беше остварена средба со петнаесетина компании од Италија кај што постои интерес за инвестирање во Македонија.
Дел од нив веќе беа запознаени со условите за инвестирање во Македонија, затоа што веќе имале контакт или со нашите министри или со економските промотори, но дел и не беа запознаени. И за едните и за другите беше корисно да зборуваме за повеќе детали и информации за правење бизнис во Македонија и тоа беше навистина корисно за сите овие компании, истакна Груевски.
Премиерот Груевски во изјавата посочи дека со добар дел од нив веќе е договорено во јуни или јули да ја посетат Македонија и да ги увидат можностите на самиот терен, да остварат контакти со компаниите во Македонија и со државните институции.
Би рекол дека тоа е значајно бидејќи Италија е трета по ред по извозот, а петта според трговската размена, што значи дека има значаен потенцијал кон кој што ние се насочуваме, изјави Груевски.
За време на средбата премиерот Груевски на присутните бизнисмени објаснувајќи им ги условите за инвестирање, им посочи дека според рангирањето на Европската комисија минатата и пред минатата година Република Македонија постигна втор најдобар раст во Европа, а во однос на најновиот пролетен извештај за оваа и наредната година тие предвидуваат дека државата ќе биде прва според економскиот раст во Европа.
Премиерот Груевски посочи дека токму посветеноста кон привлекување на странски инвестиции придонесе за отворање на нови работни места и намалување на невработеноста што е стратешка определба на Владата, и таа моментално изнесува 27.6 %, континуирано паѓа од претходните високи 38%, и стратешка определба на Владата е да се работи таа дополнително да се намалува.
Тој истакна дека покрај создавањето на поволни услови за водење на бизнис се инвестира и во инфраструктурни проекти, во моментот се градат три нови автопати, а уште еден автопат е во план за изградба, изградбата на железничка пруга кон Бугарија е во тек, а се гради и нов крак на гасовод и се превземаат активности за изградба на цела гасоводна мрежа низ државата.
По средбата со премиерот сопственикот и директор на компанијата Бузи Бузи, Дарио Бузи изјави дека бизнис климата во Македонија е многу добра и изрази задоволство што имаше можност да оствари средба со премиерот Груевски и да се информира за многу теми од значење за неговата фабрика.
Ние започнавме со бизнис во Прилеп, бизнис климата е многу добра и беше многу лесно да се започне на вистинскиот начин. Сакаме да се прошириме, започнавме во Прилеп со дваесетина вработени и нашата цел е да се прошириме до 100 вработени, изјави Дарио Бузи. Инаку компанијата Бузи Бузи се занимава со производство на опрема за осветлување, и има повеќе свои бизнис низ светот.
Во текот на утрешниот ден претседателот на Владата Никола Груевски заедно со владината делегација во чиј состав е министерот за надворешни работи Никола Поповски, и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска ќе престојуваат во Ватикан по повод чествувањето на 24-ти мај, Денот на Светите браќа Кирил и Методиј. Планирано е да се одржи аудиенција кај Неговата светост Папата Франциск, а ќе се оствари и средба со државниот секретар на Ватикан кардиналот Пиетро Паролин.