Со брилјантната изведба на театарската претстава „Деспина ќе ја грабиме…никој да не знае“, театарската актерска група на младите на Црвен крст Охрид синоќа го отвори вториот Аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар’“.
Просторот во предворјето на црквата Св.Софија беше исполнет до последното место, а посетителите со воодушевување и аплаузи ги наградуваа комичните моменти изведени од талентираните млади актери-аматери кои на оригинален начин, преку трубадурската песна ја доловија приказната за охридската убавица и нејзиното грабнување…за никој да не знае. Силната порака која ја испратија младите со оваа мултимедијална претстава беше дека љубовта ги надминува сите препреки и на крај победува.
Фестивалот продолжува вечерва на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ со театарската претстава Б„оинг-Боинг“, во изведба на театарската актерска група на младите на Црвен крст Битола. Претставата започнува во 20:30 часот, а влезот е слободен.