Меѓународна конференција за управување со отпад

Во организација на Здружението на даватели на комунални услуги на Република Македонија – АДКОМ, денес, во хотел „Метропол“ започна меѓународната конференција за управување со отпад. На четвртата Меѓународна конференција која е на тема „Регионално управување со отпад“ ќе бидат претставени повеќе од триесетина труда од кои половина се од странски експерти. Поздравно обраќање имаа министерот за екологија, Нурхан Изаири, заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев, извршниот директор на АДКОМ, Лолита Стојановска претседателот на АДКОМ, Игор Спасовски, како и претставникот од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Ракип Дочи.

Заменик градоначалникот, Ангел Јанев во поздравното обраќање истакна дека доколку во иднина сакаме да живееме во здрава животна средина, треба да го прифатиме предизвикот за управување со отпадот.

„Управувањето со отпадот е универзален предизвик за модерното време, зошто сведоци сме на неговото негативно влијание врз животната средина. Имајќи ја предвид општата политика за управување со отпад во Република Македонија, а со цел да се надминат постојните состојби и да се воспостави одржлив систем, подготвена е функционална регулатива за управување со отпад заснована на европската легислатива и воспоставена е законска обврска за регионално здружување на општините на ниво на плански региони и воведување на регионално управување со отпадот“, рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.

Тој додаде дека Охрид претставува најголем туристички и културен центар, град кој заедно со Охридското езеро, како светско природно и културно наследство е под заштита на УНЕСКО и поради таа причина управувањето со отпадот е од круцијално значење.

Ние сме свесни дека управувањето со отпадот во сливот на Охридското Езеро е од круцијално значење бидејќи преку реките од депониите во езерото се влеваат огромни количини штетни материи“, потенцира Јанев.

На крајот од обраќањето заменик градоначалникот, Јанев ги повика учесниците на конференцијата, да одвојат слободно време, за да можат да го почувствуваат чудесниот спој на природните убавини и културните споменици од речиси сите цивилизации кои оставиле трага на овие простори.

Konferencija_otpad_Metropol_4852