Македонија продолжува со придонесот во мисијата „Одлучна поддршка“

„Република Македонија е цврсто посветена на глобалниот мир и стабилност. Вие сте несомнен доказ за тоа и јас сум убеден дека задачите пред вас ќе ги извршите професионално и одговорно“, им порача министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, на тринаесетмината припадници на Армијата на Република Македонија кои заминуваат во втората ротација на дел од македонскиот контингент во рамките на мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

Министерот Јолевски посочи дека за нас од исклучителна важност е нашите мировници да се вратат живи и здрави дома, кај своите најблиски, побогати за едно искуство кое ќе го пренесат и на своите колеги.

На приемот на 12-офицери и 1 подофицер на Армијата кои ќе бидат дел од турскиот контингент во Командата на главниот град, Кабул, присуствуваше и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески. Мировниците се психички и физички подготвени за обврските и одговорностите кои ги очекуваат, рече генералот и додаде дека овој состав ќе одговори на сите задачи и како и досега достојно ќе ја претстави и Армијата и нашата држава, Република Македонија.

Командантот на контингентот пред министерот Јолевски и генералот Котески се заблагодари за укажаната доверба да се претставува Република Македонија во мисијата во Авганистан и истакна дека сите припадници на контингентот ќе ги вложат сите напори за да ја продолжат традицијата на македонските мировници – успешни, професионални и целосно оддани на доверените задачи.

Република Македонија, по завршувањето на мисијата ИСАФ на крајот на 2014 година, го продолжи своето присуство во Авганистан, во новата мисија на НАТО-алијансата, „Одлучна поддршка“ со 39 припадници. Основната мисија на „Одлучна поддршка“ е обука, советување и менторирање на Авганистанските безбедносни сили и авганистанските институции.

DSC_3865_resize DSC_3881_resize DSC_3893_resize