Презентирани искуства и визии за регионално управување со отпад во Македонија за достигнување на европските стандарди

Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, во Охрид имаше поздравно обраќање на четвртата по ред меѓународна конференција на тема “Регионално управување со отпад“. На настанот странски и домашни експерти од областа на управување со отпадот, ги презентираат своите трудови со цел да седаде визија за правецот во кој треба да се движиме и начинот на кој треба да ја третираме околината.

Причините што сегашната состојба со управувањето со отпадотво Македонија, не ги задоволува посакуваните стандарди, според министерот Изаири се во неконтролираното фрлање на отпадот од страна на несовесните создавачи на отпад (компании или граѓани) и создавањето на т.н. диви депонии, но и на лошото работење на комуналните претпријатија, како и на фактот што собирањето на комуналниот отпад се врши само на околу 70% од територијата на државата. Дел од комуналните претпријатија имаат финасиски проблеми и стара механизација што дополнително влијае на квалитетот на управувањето со отпадот. Од друга страна, со несоодветно постапување со отпадот се губат и значајни материјали и енергија.

Според него, од овде произлегува потребата што се преземаат радикални мерки за да може да се воспостави добар систем за управување со отпадот.

Заради надминување на состојбата, а со цел да се реализираат ефективни и ефикасни системи за управување со отпадот, донесени се измени и дополнувања на Законот за управување со отпад во насока на воспоставување на моделот на интегрирано регионално управување со отпадот.

Во однос на тоа каде се наоѓа во моментов Македонија со имплементација на овие мерки, министерот Изаири истакна:

„Во септември 2014 беа усвоени Регионални планови за управување со отпад за Источниот и Североисточниот плански регион, финасирани од IPA проектот “Подготовка на Регионални планови за управување со отпад за Источниот и Североисточниот плански регион “.

„Понатаму, подготвени се проектни задачи за “Подготовка на проектни студии (Физибилити студии, Оценка на влијанието врз животната средина, анализа на трошоци), главен проект и помош за подготовка на тендерска документација за изградба на регионални депонии и трансфер станици согласно со ЕУ стандардите за Источниот и Североисточниот плански регион“, во висина од 2.5 мил. евра, финансирани преку оперативната програма за регионален развој 2010-2011. Проектот ќе стартува во втората половина на 2015 и ќе се имплементира во период од 24 месеци.

„Во тек се, исто така, две проектни задачи за подготовка на техничка спецификација за јавна набавка на опрема и проектна документација за затворање на нестандардните депонии во овие два региона. Целта на овие проекти е да се донесат сите плански документи како и тендерска документација и во 2017 година преку ИПА 2 програмата да се аплицира за инфраструктурни проекти за финансирање на изградба на две регионални депонии и трансфер станици.

„Паралелно со ова, беа подготвени проектни задачи за другите четири региони (Пелагониски, Скопски, Вардарски и Југозападен), врз основа на кои ќе бидат развиени документи потребни за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпадот во овие региони. Истите ќе бидат финансирани во рамки на ИПА Компонента 3. Вкупната вредност на проектот е 3,9 милиони евра и ќе се имплементира во период од 15 месеци. Целта е да се подготват четири регионални планови за управување со отпад и физибилити студии за инвестициски проекти со оценка на влијанието врз животната средина, финансиска анализа и тендерската документација за апликација за средства за изградба на депонии. Проектот се очекува да започне во втората половина на 2015 година.

„Во септември 2014 година, беше донесена одлука за прекин на постапката за доделување на концесија за регионално интегрирано управување со комуналниот отпад во Полошкиот плански регион и Југоисточниот плански регион. Општините во Југоисточниот и Полошкиот плански регион во јануари 2015 година донесоа Одлуки за склучување на спогодба за здружување за воспоставување на систем за управување со отпад на регионално ниво и формираа Меѓуопштински одбор и Регионални центри за управување со отпад. Здружените општини во регионот, се во фаза на донесување на целокупната планска документација и донесена е заедничка одлука да се распише нов јавен повик за започнување на постапка за доделување на концесија за регионално интергрирано управување со комуналниот отпад во овие два региони.“– истакна Изаири.

На настанот се обратија и извршниот директор на АДКОМ, Лолита Стојановска, претседателот на АДКОМ, Игор Спасовски, претставникот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Ракип Дочи, заменик на градоначалникот на Град Охрид, Ангел Јаневи претставник од ЗЕЛС.

Конференцијата ја организираат АДКОМ и ЈП Комунална хигиена Скопје,под покровителство на Министерство за животна средина и просторно планирање на Р.Македонија.

DSC_0437