Делегација на Царинската Управа на Царински форум „Економски појас на патот на свилата“ во Кина

Во период од 27 – 28 мај, делегација на Царинската управа на Република Македонија, предводена од директорот Наташа Радеска Крстевска, учествува на Форум на директорите на царинските управи насловен како „Економски појас на патот на свилата”, кој се одржува во Народна Република Кина, чијашто цел е поврзување и развој на царините. На форумот присутни се претставници од околу 60 земји учеснички, високи претставници на сите значајни европски и светски организации поврзани со царинското работење како и Генералниот секретар на Светската цариснка организација, Кунио Микурија.

По потпишувањето на Рамковниот договор за соработка и олеснување на царинењето помеѓу царинските служби на Народна Република Кина, Македонија, Србија и Унгарија во декември минатата година и откако беа направени консултации помеѓу инволвираните страни на состанокот на работната група во Шангај на 30 март годинава, на 27.05.2015 година директорите на четирите царински администрации потпишаа План за соработка и олеснување на царинење за 2015-2016, согласно кој се воспоставуваат контакт точки и механизми за соработка, олеснување и за сите други прашања што се однесуваат на спроведувањето на Рамковниот договор, организирање на работилници, царински семинари и состаноци на работните групи.

За време на денешната прва сесија од Форумот, директорот на Царинската управа на Република Македонија, Радеска – Крстевска имаше свое излагање на тема „Сегашна состојба на развој на македонската царина и идни предизвици“.

Се очекува форумот да поттикне натамошно поврзување и комуникација меѓу царините, што ќе резултира во олеснување на царинењето, одржување на безбедноста, поддршка на меѓусебната соработка преку употреба на технолошки иновации, развој на капацитетите, промовирање на отвореност за соработка и унапредување на инвестициските можности.

Со цел успешна имплементација на иницијативата за идна соработка, се очекува сите учесници да обезбедат поддршка за идните сесии на Форумот, семинари и други настани.

Forum KINA 2