Ѓердани, белегзии, обетки и прстени изработени од злато и сребро, како и украсни теракотни садови откриени на македонските археолошки локалитети се дел од атрактивната изложба ,,Дамскиот накит од Македонија низ вековите“, која деновиве беше отворена во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија. Поставката организирана од Археолошкиот музеј на Македонија по повод 10-годишниот јубилеј на македонскиот културен центар привлече огромен број на посетители кои до 10 јуни ќе можат да се запознаат со дел од богатото македонско археолошко богатство од неолитот до османлискиот период. Вкупно 46 предмети во поставката целосно го привлекоа вниманието на присутните.
„Најстари откриени наоди се бронзените приврзоци со претстави на птици и афионови чашки, како карактеристични култни атрибути на пајонската култура од железното време. Религиозната компонента на поставката, пак, е содржана во одредени парчиња накит како што се средновековните бронзени крстови-реликвијари. Сите овие експонати говорат за големата продукција, совршената обработка, силниот уметнички темперамент на генерациите мајстори кои ја вложувале целата своја вештина и талент“, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на отварањето на изложбата.
Директорката на Археолошкиот музеј Весела Честоева посочи дека накитот и китењето се нераскинливо врзани со битисувањето во сите култури и дека од него се дознава многу за социјалната, статусната, професионалната или етничката определба, но и индивидуалните афинитети, естетските, духовните и религиските норми на носителите.
„Преку презентираните копии – од атрактивните бронзени приврзоци, висулци, карактеристични за пајонската култура, репрезентативните златни обетки со негроидни претстави, гулабици, протоми на лав, па се до средновековните бронзени крстови – реликвијари, осознаваме за технолошката обработка, продукцијата и уметничкиот израз на популациите кои егзиситирале на просторот на Република Македонија“, рече директорката Честоева. Таа ги полкани гостите да го посетат и Археолошкиот музеј на ёмакедонија, каде што истакна, во моментот се изложени над 8000 артефакти.
Комесарот на изложбата Ирена Колиштркоска-Настева,пак истакна дека оваа изложба првпат гостува надвор од Македонија, и дека 90 отсто од артефактите се пронајдени во гробови на некогашни великодостојници кои со своето украсување го покажувале и својот статус во општеството.
Директорот на Центарот Васко Шутаров посочи дека целта на КИЦ во Софија кој успешно опстојува веќе 10 години е да гради мостови на пријателство меѓу двете земји.
„Максимално се заложуваме да го донесеме најдоброто од Македонија, да отвориме нова емоција, нови чувства и да изградиме нови пријателства,“ рече Шутаров.