Арсовска Томовска на Конференцијата за затворање на IPA TAIB 2009 проектот финансиран од ЕУ

Денеска се одржа завршната конференција за IPA TAIB 2009 проектот „Зајакнување на административните капацитети на телата задолжени за телекомуникации и медиуми за ефикасно регулирање на новите дигитални и повеќенаменски услуги“, во чии рамки обраќање имаше заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска.

Осврнувајќи се на значењето на проектот таа истакна дека министерствoто даде свој придонес во поставувањето на основите, пред се во правно-нормативната регулатива, односно изготвувањето на нацрт-законот за електронски комуникации.

„Преку проектот капацитетите на телекомуникациските и медиумските регулатори беа зголемени за неколку параметри, како што се: следење на развојот на пазарот на комуникации, спроведување на регулаторната рамка на ЕУ за електронски комуникации и за аудиовизуелни медиумски услуги, вршење на различни типови на содржинска регулација во полето на електронските комуникации и радиодифузијата, како и градење на ефикасен систем за заштита на потрошувачите.“– рече Арсовска Томовска.

Таа ги претстави достигнувањата во ИКТ сферата во повеќе области, како у улогата и котирањето на Република Македонија на светската информатичка мапа.

„Според Светската банка за секои 10% раст на навлегување на широкопојасниот интернет, соодветствува од 1 до 1,5% економски раст на бруто-домашниот производ во државата, додека според Европската банка за реконструкција и развој, зголемувањето на брзината на бродбендот за двапати обезбедува раст од 0,3% на бруто-домашниот производ во државата. Овие се навистина значајни коефициенти. Како резултат на политиките и мерките кои се прeземаат во поглед на напредок на земјата во полето на комуникациско-информациските технологии и услуги, Македонија се искачува за 10 позиции заземајќи го 47 место во глобалниот индекс за информатичко општество, односно бележи скок од 20 места во изминативе две години.“– рече Арсовска Томовска.

Инаку, корисници на проектот кој е финансиран од ЕУ се Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Агенцијата за електронски комуникации, а неговата цел беше имплементирање на ефикасна регулација за новите дигитални и повеќенаменски сервиси и креирање конкурентна средина за развој на бизнисот и заштита на потрошувачите.

sl0106aek2_m