Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска се сретнаа со Генералниот секретар на Интернационалата за образование Фред ван Лејвен и со претседателот на СОНК Јаким Неделков. На средбата која се одржа во Министерството за образование и наука, Адеми го информираше Ван Лејвен за проектите на министерството за подобрување на статусот на наставниците, а кои се реализираат во соработка со СОНК.
„Не секогаш се согласуваме со СОНК, но најбитно е дека седнавме на маса и разговараме за да најдеме најприфатливи решенија. Остануваме отворени за соработка со СОНК и со меѓународните организации чии искуства ни се важни и може да ги пренесеме во наши услови“, рече Адеми.
Ван Лејвен ја поздрави соработката меѓу Министерството за образование и наука и СОНК, како и договорот кој беше постигнат меѓу овие институции пред неколку месеци. Ван Лејвен истакна и дека екстерното тестирање унапредено од неговото првично воведување.
„Ги поддржуваме нивните напори за подобрување на квалитетот на образованието, кое е алатка за економски и демократски развој на државата и цврсто веруваме дека Македонија е на добар пат за квалитетно образование. Мора да му се даде доволно простор на СОНК да предложи како тоа да се постигне. Задоволни сме што основите се поставени“, рече Ван Лејвен.