Дополнителни 296 ваучери за набавка на таблети со тастатура наменети за студенти додели денеска надлежната Комисија по дополнителната проверка на барањата и доставените податоци.
Според министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски досега се одобрени 5.079 ваучери за студенти, од кои 3.200 ги подигнале ваучерите од факултетите.
„Околу 1.900 се уште не ги подигнале ваучерите и би апелирал до нив што е можно побргу да ги подигнат ваучерите и да ги искористат до 25 јуни за да набават таблет со тастатура“, изјави Ивановски при посетата на компанијата Сетек чија понуда за таблети досега ја одбрале третина од студентите кои добиле ваучер.
Анализите на барањата од студетите и апликациите, најави Авановски, ќе продлжат со цел сите студенти кои ги исполнуваат условите да добијат ваучер.
„Ќе продолжиме да правиме дополнителни анализи и доколку има грешки, како што се утврди претходно само со податоци во матичните броеви, а студентите ги исполнуваат квотата на примења на родителите, ќе им се јавиме дополнително за да можат да го искористат своето право на вредносен ваучер“, рече Ивановски.
Според Игор Кимовски, еден од сопствениците на „СЕТЕК“, студентите претежно одбираат таблети до 8.000 денари, колку што е вредноста на ваучерот. – За тој износ навистина можат да се купат добри производи од премиум класата. Таблети може da се земат и за многу пониска цена за 2.000 до 3.000 денари, но за овој износ може да се земе премиум бренд со одличен квалитет и слика, изјави Кимовски.
Владиниот проект за доделување ваучери, оцени, претставува поддршка и за студентите и за ИТ компаните. Има интерес и досега над 1.000 студенти го искористија ваучерот и купија таблети од салоните на СЕТЕК. Се надеваме дека и во иднина ќе продолжат ваквите проекти кои претставуваат сериозна поддршка за студентите, рече Кимовски.
Студентите ќе може да набават таблет во која било од 52-те ИТ фирми избрани преку повикот што за таа намена го објави МИОА, а чии имиња се објавени на веб страницата на www.mioa.gov.mk .
Ваучерите за таблетите со надворешна тастатура се наменети за редовни студенти од трета и од четврта година и за студентите евидентирани како лица со посебни потреби од која било година на студии во учебната 2014/2015 година, на високообразовните установи во Македонија, а кои доаѓаат од семејства со бруто приходи не поголеми од 32.741 денари.