Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов информираше за Проектот “Бесплатен одмор и рекреација на децата од семејства во социјален ризик”.
Спасов информираше дека е објавен јавниот повик за користење на услугата бесплатен летен одмор за децата од семејствата во социјален ризик, децата од семејствата приматели на социјална парична помош, децата без родители и родителска грижа како и децата со пречки во развојот од петто до деветто одделение.
„Имено станува збор за реализација на проектот од програмата од Владата на Република Македонија, проект што е даден како ветување пред граѓаните на Република Македонија, станува збор за доследност на Владата во реализацијата и одржувањето на дадениот збор.
Имено, оваа година планираме да опфатиме 2.000 дечиња од семејствата во социјален ризик за бесплатен летен одмор во Струга, во период од 7 дена, односно 6 полни пансиони. За реализација на овој проект, за ова лето обезбедени се 8 милиони денари, и денес како што кажав е објавен јавниот повик кој што ќе трае до 17 ти јуни“, рече Спасов.
Право да аплицираат имаат родителите коишто се корисници на социјална парична помош, исто така родителите коишто се корисници на детски додаток, родителите коишто се корисници на посебен додаток, односно родителите на децата со пречки во развојот како и право на бесплатен одмор ќе имаат децата без родители и родителска грижа.
„Овој проект како Влада го реализираме од летото 2012 година, ова е веќе четврто лето по ред што се реализира овој проект за кој што има особен интерес. До сега оваа бесплатна услуга за летен одмор ја искористија 6.000 дечиња, додека бесплатната услуга за зимски одмор ја искористија 3.000 дечиња, односно со овој проект досега опфативме 9.000 дечиња и 9.000 семејства кои се во потешка состојба добија поддршка од државата и можност да ги пратат своите деца на бесплатен летен и зимски одмор. Како Влада и понатаму ќе продолжиме со реализација на проекти кои што се во интерес на граѓаните и на децата кои што се наоѓаат во социјален ризик за поголема поддршка на материјално необезбедените семејства во Република Македонија и континуирано подобрување на нивниот живот“, заврши Спасов.