Претседателот Иванов се сретна со директорот за Континентална Европа при МНР на Француската Република

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Директорот за Континентална Европа при Министерство за надворешни работи на Француската Република, г. Ерик Фурниер.

На средбата беше изразено задоволство од досегашниот развој на односите меѓу Република Македонија и Француската Република како на билатерален така и на мултилатерален план, со надеж за динамизирање и унапредување на политичкиот дијалог меѓу двете земји.

Информирајќи го г.Фурниер за актуелната политичка состојба во Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека постои оптимизам за надминување на политичката криза и затоа е потребен посветен, одговорен и доследен пристап кон дијалогот од сите политички партии со цел враќање на политичката стабилност. Во тој контекст македонскиот претседател ја поздрави вклученоста на Европската унија во овие разговори кои недвосмислено покажаа дека европската и евроатланската агенда на Република Македонија е главен приоритет во државата.

Претседателот Иванов потенцираше дека во надминувањето на предизвиците со кои се соочува нашата држава, потребна е поддршка и од меѓународната заедница, вклучувајќи ја и Франција, бидејќи предолгата статус кво ситуацијата во евроатлантските интеграции создава фрустрација во политичкиот и меѓуетничкиот живот правејќи нè ранливи и подложни на обиди за дестабилизација.

Директорот Фурниер ја пренесе француската поддршка во однос на нашите европски и евроатлански стратешки цели, членството во НАТО и во ЕУ.