Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес во изјава за медимите истакна:
„Објавувам дека нема да присуствуваме на закажаниот состанок со еврокомесарот Хан, на 10-ти јуни во Брисел.
Изјавата во Вашингтон, на Јоханес Хан, комесарот за проширување на Европската Унија, содржи елементи на пристрасност и е несоодветна во подготвителен период, пред одлучувачката средба во Брисел.
Зачудува оценката на еврокомесарот Хан, за генерално позитивни извештаи од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за последните изборни циклуси во Македонија.
Ниту ОБСЕ/ОДИХР, ниту ЕУ досега не констатираа дека Извештајот за изборите во Македонија е позитивен.
Дополнително, доказите од проектот Вистината за Македонија ја разоткрија, меѓу другото и криминалната позадина на повеќе изборни циклуси во Македонија организирани и спроведени од Никола Груевски и неговата власт.
Сакам да нагласам дека ние за целиот овој период се однесуваме максимално демократски и седнавме на заедничка маса и покрај нерамноправната позиција во којашто бевме поставени.
После разговорите на 2-ри јуни во Скопје, подигнат е уште еден Обвинителен акт против мене и тоа за земање поткуп, иако Кривичната пријава на МВР беше за обид за поткуп, направена е диверзија на автомобилот на синот на Зоран Верушевски во којшто се возат деца, направени се нови претреси на домовите на притворените лица, палени се возила, напаѓани се неистомисленици на власта.
Дадовме максимум во овој сериозен процес и очекуваме тоа да се почитува од сите страни.“- изјави Заев.