Семејството Јанкови од Смоларе доби нoв дом

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, градоначалникот на општина Ново Село Блажо Велков, пратеникот Васил Пишев, претставници на Центарот за социјални работи и Црвениот Крст го посетија семејството Јанкови од с. Смоларе, Општина Ново Село.

„Пред една година, го посетивме семејството Јанкови коешто живееше во една трошна куќа. Имено, се работи за семејство во коешто има две деца со најтежок степен на интелектуална попреченост, а едното лице е исто така и слепо. Живееја во навистина тешки и лоши услови во една трошна куќа, каде што двете деца практично повеќе од триесет години се немаа симнато во сопствениот двор. Можеби како луѓе не можеме да помогнеме да се врати видот на детето, но сепак сметам дека со овој гест ги вративме насмевките кај ова семејство. Како резултат на заедничката помош и поддршка која што ја даде и Министерството за труд и социјална политика, пратеникот Васил Пишев и градоначалникот на Ново Село, Блаже Велков и голем број на бизнисмени, успеавме да им изградиме целосно нова куќа на семејството Јанкови, која што е на приземје и лицата кои што се неподвижни и се движат во количка ќе можат полесно да го поминуваат секојдневието“, изјави Спасов.

Тој истакна дека Министерството обезбеди и континуирана парична помош за ова семејство, односно додаток за слепило во износ од 7.000 денари и надоместок за нега од друго лице во износ и за двете лица, односно вкупна помош за двете лица во износ од 16.200 денари што е дополнителна и значителна редовна финансиска поддршка за ова семејство.

„Во соработка со Црвениот крст и со сите луѓе коишто помогнаа до сега и понатаму ќе продолжиме да ја следиме оваа состојба и редовно да им помагаме во задоволување на потребите на ова семејство. Би сакал да изразам јавна благодарност до сите оние што помогнаа во решавањето на овој проблем, за ова семејство и понатаму ќе продолжиме да помагаме во вакви случаи. Битно ни е што пред година дена дадовме збор и зборот си го одржавме и понатаму ќе продолжиме со континуирана помош за ова семејство“, рече министерот Спасов.

Пратеникот Пишев и градоначалникот на Ново Село изразија јавна благодарност до сите стопанственици од Струмица кои помогнаа во изградбата на новиот дом за семејството.