Со членство во Северноатлантската алијанса да се спречат предизвиците од радикалниот тероризам

На 5-ти и 6-ти јуни Министерот за одбрана Н. Е Зоран Јолевски учествуваше на безбедносен форум „2BS – To be secure“ во Будва, Црна Гора. Во склоп на форумот министерот Јолевски учествуваше на панелот посветен на преструктирањето на безбедносниот систем со цел справување со современите безбедносни предизвици. Покрај министерот Јолевски за потребата од реформа на безбедносните структури разговараа и министерката за одбрана на Република Црна Гора, г-ѓа Милица Пејановиќ-Ѓуришиќ, претставникот на Дивизијата за нови безбедносни предизвици на НАТО д-р Џулиет Брд и специјалниот пратеник на претседателот на САД за борба со ИСИЛ – гелералот Џон Ален.

Министерот Јолевски потсети дека Република Македонија е докажан партнер на Алијансата со долгогодишно учество во мисии и операции во поддршка на мирот и партнер со вистински национален и политички консензус околу прашањето за евроатлатска интеграција. Во контекст на реформите за посоодветно справување со радикалниот тероризам, министерот Јолевски потенцираше дека пристапот околу преструктурирање на безбедносните системи во ова време на несигурност треба да биде координиран и да ги вклучува сите инструменти на национална моќ, а не само воените.

На маргините на состанокот, Министерот Јолевски оствари билатерални средби со генералот Џон Ален, претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ и Хојт Ји – заменик помошник државен секретар за Европа на САД.

„To Be Secure“ е годишен форум посветен на прашања од глобалната и евроатлантската безбедност, како и на безбедноста на земјите од Југоисточна Европа. Целта на Форумот е да придонесе кон критичкото размислување за реформите во Југоисточна Европа со цел постигнување на побезбеден и просперитетен регион со капацитет да придонесе во борбата со глобалните предизвици. На форумот, учество зедоа и претседателите на Хрватска и на Црна Гора, министрите за одбрана и надворешни работи на земјите од регионот, останати и високи претставници на НАТО и организации од областа на безбедноста.