Секторот за внатрешни работи – Велес, поднесе кривични пријави за два одвоени случаи од областа на економскиот криминал.
Во првиот случај, СВР Велес во соработка со надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против лицата Т.Л. (1967) од Штип – претседател на Управен одбор на ДУТ „Интернационал“ Велес во периодот од 2000 година до 13.10.2005 година , С.Е. (1973) од Велес – управител на „Велешко Езеро“ ДООЕЛ Велес во периодот 2004 и денес, З.К. (1957) од Скопје – адвокат, основач и сопственик на „Велешко Езеро“ ДООЕЛ Велес од 2004 година до 2008 година , С.Л. (1963) од Велес – адвокат од 2000 година до 2013 година и основач и сопственик на „Велешко Езеро“ од 2004 година , поради основи на сомнение дека во временскиот период 2004-2005 година сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „оштетување или повластување на доверители“ со што прибавиле значителна имотна корист од 14 100 000,00денари , сума за која ги оштетиле останатите акционери и доверители на ДУТ „Интернационал“ , меѓу кои и РМ . Првопријавениот во 2004 година во својство на претседател на Управен одбор на ДУТ „Интернационал“ постапувајќи спротивно на чл. 361 и 354 од Закон за трговски друштва како и чл.51 ст.8 и ст.9 од Закон за стечај, иако знаел дека друштвото е несолвентно, и сметката е блокирана повеќе од 45 дена, со второпријавениот кој е управител на „Велешко Езеро“ ДООЕЛ, и истовремено е и вработен во ДУТ „Интернационал“ склучил штетен договор за продажба на недвижен имот –деловен простор мотел „На Велешко езеро“ сопственост на ДУТ„Интернационал“ .Потоа, првопријавениот заедно со второпријавениот со цел противправно да се стекнат со имотна корист и со тоа да се оштетат останатите акционери и доверители , иако договорениот износ не бил исплатен, составувале, односно склучувале фиктивни документи ( договори за плаќање, цесии, асигнации, каси исплати, како и записници за финансиско прамнување) дека износот според договорот за купопродажба е исплатен . Третопријавениот во својство на адвокат на ДУТ „Интернационал“ , постапувајќи спротивно на чл. 2 ст.3 од Закон за адвокатура, во договор и со помош на четвртопријавениот -во својство на адвокат на „Велешко Езеро“ ДОО, а истовремено и како сопственици на „Велешко Езеро“ ДОО, кои имаат правен интерес и неспорен судир на интереси, иако знаеле дека договорениот износ од страна на „Велешко Езеро“ не е исплатен и договорот не е исполнет, овозможиле „Велешко Езеро“ ДОО да добие правосилна и извршна пресуда со која се признава право на сопственост врз објектот.
За вториот кривично правен настан, Секторот за внатрешни работи Велес во соработка со надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против лицата Ј.С. (1957) од Велес – извршен директор на АД „Велеспром“ Велес во периодот од 2000 година до 17.01.2013 година, С.Л. (1963) од Велес – адвокат од 2000 година до 2013 година и основач и сопственик на „Велешко Езеро“ од 2004 година , И.Т. (1962) од Велес- член на Одбор на директори на АД „Велеспром“ Велес од 16.01.2003 -17.01.2013 година, сопственик/управител на „Тедико“ Илија ДООЕЛ Велес, основач и сопственик на „Велешко Езеро“ од 2004 до 2008 година , Д.Т. (1955) од Велес- член на Одбор на директори на АД „Велеспром“ Велес од 16.01.2003 -17.01.2013 година , Д.Т. (1973) од Велес- член на Одбор на директори на АД „Велеспром“ Велес од 27.10.2006-08.11.2012 година и З.Т. (1961) од Велес- член на Одбор на директори на АД „Велеспром“ Велес од 16.01.2003 -17.01.2013 година , поради основи на сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „оштетување или повластување на доверители“, со што на останатите акционери на АД „Велеспром“ Велес им нанеле значителна штета од 2 682 762,00 денари.
Првопријавениот, во 2005 година во својство на извршен директор на АД „Велеспром“, искористувајќи ја својата службена положба, без склучен договор, прифатил фиктивни фактури за извршени адвокатски услуги од второпријавениот во вредност од 1 440 000,00 денари, иако знаел дека истите не се извршени , со што му овозможил да се стекне со значителна имотна корист. Второпријавениот, во 2005 година во својство на службено лице – адвокат искористувајќи ја својата службена положба и овластување постапувал спротивно на чл.3 и чл.17 од Законот за адвокатура, , иако, во 2005 година го застапувал правното лице „Тедико Маркети“ во спор со АД „Велеспром“. Во 2007 првопријавениот во својство на извршен директор на АД „Велеспром“ Велес, заедно со останатите пријавени во својство на неизвршни членови на Одбор на директори на АД „Велеспром“ Велес, постапувале спротивно на чл. 361, и чл.354 ст.2 и ст.3 од Закон за трговски друштва, како и спротивно на чл.51 ст.8 и ст.9 од Законот за стечај. Истовремено, пријавените како членови на Одборот на директори на АД „Велеспром“, спротивно на чл 349 и 460 од Закон за трговски друштва , постапиле на начин што во услови кога друштвото е несолвентно, и сметката е блокирана повеќе од 45 дена, без одлука од надлежен орган и без склучен договор прифатиле фиктивни фактури за адвокатски паушал, за извршени адвокатски услуги од второпријавениот адвокат – член на одборот на директори на АД „Велеспром“ , во вредност од 960 000,00 денари, иако знаеле дека тоа преставува зделка со заинтересирана страна . Со тие пари, всушност е платен долг на „Велешко езеро“ кој АД „Велеспром“ го превзел, без претходно донесена одлука на Управен одбор.