„Сметам дека оваа конференција се организира во вистинско време, во услови кога сеуште се справуваме со еколошките, социјалните и економските последици предизвикани од неодамнешните екстремни временски непогоди кои ја зафатија не само Македонија, туку и регионот во целина и кога Република Македонија, како дел од меѓународната заедница презема напори за успешен климатски Договор во Париз на крајот годината“ – истакна министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири на отварањето на Втората меѓународна конференција за климатски промени, која се одржува од денес до 10-ти јуни во Охрид.
Конференцијата е во организација на Милиеуконтакт Македонија, во рамките на проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени.
Овој проект овозможува креирање на локални стратегии за климатски промени во 10 општини во државава, со што националната агенда се преточува во локални акции.
Конференцијата отвори можност за размена на искуства и знаења со меѓународни активисти, експерти и практичари од областа на адаптацијата и митигацијата кон климатските промени, со експерти за одржлив развој и со граѓански организации од државата и од регионот. Ваквата соработка е од клучно значење за унапредување и координација на активностите во областа.
На конференцијата присуствуваа и се обратија и амбасодорот на САД, Н.Е. Џес Беили и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.