Министерството за култура, Град Скопје. Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ), Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, фестивалот „Охридско лето“ и Заедницата на домовите и центрите за култура на Македонија денеска потпишаа меморандум за соработка за унапредување на камерната активност и концертната дејност во државата.
Потписниците на документот се залагаат за стимулирање на активноста на репродуктивните музички уметници, интензивирање на нивната соработка со националните установи од музичко-сценската дејност и овозможување соодветна застапеност на домашното творештво на репертоарот.
Министерката Елизабета Канческа-Милевска истакна дека меморандумот е надоврзување на документот за соработка кој Министерството за култура го потпиша со Сојузот на композиторите на Македонија со кој спроведени повеќе стумулативни мерки. Посочи на откупот на музичките композиции од областа на класичната музика кој, како што рече, значително ја зголеми продукцијата на дела од домашни автори за различни музички состави и формации, и формирањето на оркестарот на СОКОМ кој ги изведува новосоздадените композиции. Уверена е дека и овој документ ќе има големи придобивки за македонските музички уметници и за македонската музичка култура.
„Во изминатиот период спроведовме низа мерки за унапредување на статусот на репродуктивните уметници во нашата држава, како вработување на околу 150 музичари во нашите институции, зголемување на месечните примања за речиси 60 отсто, а ги воведовме и титулата национален уметник и националните пензии со кои обезбедивме вистинска валоризација за уметничкиот труд на сите оние кои го вложија својот професионален кредибилитет во градењето на достоинството на македонската култура“, рече Канческа-Милевска.
Таа додаде дека покрај тоа што се поддржуваат настапи на македонските уметници во националните установи од музичко-сценската дејност, во Годишната програма Министерството поддржува и многу самостојни проекти за претставување на уметниците на национално и на меѓународно ниво.
„Со спроведувањето на меморандумот ќе се обезбеди непречено делување и соодветен простор за музичките уметници од РМ во институциите од областа на културата. Овој меморандум ќе ја интензивира соработката помеѓу Сојузот на музичките уметници, националните но и локалните установи од областа на културата во нашата држава и уверена сум дека со збогатувањето на концерната дејност и камерната активност кај нас ќе се стимулира, во голема мера, и домашното творештво“, рече министерката за култура.
Покрај Канческа-Милевска, потпис на Меморандумот ставија и скопскиот градоначалник Коце Трајановски, претседателот на СМУМ Љубиша Кировски, директорите на МОБ и Филхарминија, Ѓорѓи Цуцковски и Маја Чанаќевиќ, директорката и селекторската на музичката програма на „Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска и Гордана Јосифовска-Неделковска, и Борче Димитровски од Заедницата на домовите и центрите за култура.
Градоначалникот Трајановски рече дека Град Скопје ќе се заложи локалните установи од културата во рамки на своите можности, технички и просторни, да им излезе во пресрет на сите заинтересирани камерни оркестри.
Директорите на националните музички установи и на фестивалот „Охридско лето“ истакнаа дека ќе ја интензивираат и досега добрата соработка со музичарите, но и со македонските композитори чии дела неретко се на нивниот репертоар.
Претседателот на СМУМ Кировски истакна дека меморандумот е голем исчекор во работата на Сојузот кој постои 68 години.
„Сето време СМУМ се бори да заземе достоинствено место. Да се стане врвен репродуктивен музички уметник не е лесно, тоа е напорна работа која не завршува со едукацијата, туку трае цел живот со секојдневно вежбање. Затоа, оваа заложба за застапеност на музичките уметници во националните установи и на нашите фестивали ќе вроди со плод, затоа што имаме исклучителни таленти кои вложиле многу труд и го заслужуваат тоа“, рече Кировски.