Утре, 11-ти Јуни се одбележува една година од прогласувањето на регионот Охрид-Преспа за Прекуграничен биосферен резерват на УНЕСКО.
Оваа одлука на 11-ти Јуни минатата година беше едногласно донесена на состанокот на Советот на МАБ Комитетот на УНЕСКО одржан во Јончепинг, Шведска.
Номинациониот акт беше работен во текот на претходните 2 години во кој беа инволвирани домашни и меѓународни експерти, со поддршка на централната власти и на локалните самоуправи во регионот и од македонска и од албанска страна. Номинацијата беше испратена во УНЕСКО преку Билатералниот секретаријат за сливот на Охридско Езеро како носител и Националните комисии на УНЕСКО во двете земји.
Значењето на прогласувањето на Биосферен резерват се движи во насока на меѓународна промоција на вредностите на ПБР, брендирање на производи од ПБР како производи од Биосферен резерват (пример: мед, цреши, јаболка…), брендирање на туристичката промоција , едукативни активности за управување со ПБР, пилот проекти за прекугранични платформи на производители на вредности од ПБР, програми за подигање на јавната свест. За сето тоа ќе се работи на утврдување на менаџмент план за ПБР.
„Донесовме за Регионот Охрид Преспа безвременска вредност како еден од само 15- те вакви препознаени региони во светот. Таквиот статус треба да ни биде основа за програмирање на економскиот развој врзан за овие природни и културни вредности и промоција пред научниот и туристичкиот интерес во светот. Уникатниот биодиверзитет, природните реткости, културно наследство, фолклор и обичаи, храна и услуги треба да бидат нашиот симбол пред светската јавност.“ – вели македонскиот претставник од Билатералниот секретаријат за сливот на Охридско Езеро, Дејан Пановски.