Јолевски: Најдобрите ќе бидат селектирани да бидат идни пилоти на Република Македонија

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, денес во касарната „Страшо Пинџур“ имаше свое обраќање по повод Денот на воздухопловната бригада при што порача:

„И оваа година министерството за одбрана продолжува со реализација на поставените приоритети и цели меѓу кои е и подобрување на условите за живот и работа на припадниците на АРМ. Веќе е започнат процесот за потполна на единиците на АРМ со нови професионални војници и отворен е повикот за отпочнување на обука за образование на нови пилоти.“– истакна Јолевски.

Со своето обраќање министерот Јолевски упати апел до сите граѓани на Република Македонија кои што сакаат да станат пилоти, кои имаат високо образование и познавање на англиски да се пријават на огласот за воени пилоти кој трае до крајот на 2015та година. Министерот за одбрана додаде дека во соработка со странски партнери Школата за пилоти е високо развиена и истата е една од најсовремените во Европа, а можеби и во светот.

Според Јолевски новите кандидати кои ќе бидат примени ќе претставуваат помладување и освежување на Воздухопловната бригада. Тој пред припадниците на Воздухопловната бригада истакна:

„Кон Вас искусните припадници на бригадата очекувам да бидете пример и да ги водите и обучувате вашите колеги, да го пренесете вашето ценето искуство за и тие да станат нераскинлива врска од синџирот на одбраната на Република Македонија.“– рече Јолевски.

Министерот Јолевски порача дека со цел да се подобри образованието на припадниците на Армијата на Република Македонија, меѓу кои и припадниците на Воздухопловната бригада, ќе се стреми кон отварање на Катедра за Воено воздухопловство. Јолевски истакна дека во тек е преименување на Воената академија во Универзитет во чии рамки се работи на отварање на Факултет за Воено воздухопловство и против-воздушна одбрана.

Министерот за одбрана на Република Македонија пред припадниците на Воздухопловната бригада истакна:

„Давајќи му должно внимание и почит на минатото, свесни сме за предизвиците од сегашноста и заедно, напорно, храбро, и доследно ќе работиме да ја оправдаме високата доверба која ја уживаме од граѓаните на Република Македонија.“-  истакна Јолевски.