Груевски: Заев дојде да не се договори, за да не се соочи со народот на избори

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, истакна дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пристигнал на вечерашните преговори во Европската комисија во Брисел со цел да не се постигне договор за ставање крај на политичката криза во земјата.

Во изјава по 12-часовните преговори со посредство на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, европратеникот Иво Вајгл, генералниот секретар на ЕЕАС, Ален Ле Роа и амбасадорите на ЕУ и САД во Скпоје, Аиво Орав и Џес Бејли, премиерот Груевски рече дека целта на Заев со минирањето на веерашните преговори, била да избегне избори и соочување со македонските граѓани на истите.

„Ние денеска преговаравме повеќе од 12 часа и мојата крајна констатација е дека господинот Заев ниту сакаше да постигне договор, ниту, пак, дојде до тоа. Причината е што тој не дојде да се договори, туку тој дојде да не се договори. Човекот се плаши од избори. Тој знае дека на наредните избори ќе доживее тешко фијаско, дека ќе го доживее најголемиот пораз на СДСМ досега во неговата историја. Ни договор сака да постигне, ниту избори да има. Тоа е целиот проблем со него и атмосферата што ја градеше претходните денови, укажуваше дека не сака да постигне договор. Брифинзите и интервјуата што ги пуштаа и даваа претходните денови, укажуваа дека ќе оди на таква варијанта, да не дојде до договор“, истакна на почетокот Груевски.

За разлика од претседателот на СДСМ, кој избегна да се соочи со македонските новинари што ги следеа разговорите во Брисел, премиерот Груевски одговараше на сите прашање по неуспешниот дијалог. Според него, најавените предвремени парламентарни избори во Македонија било тоа што Заев сака по секоја цена да се избегне и затоа пропаднаа преговорите.

„Причината е што ако дојде до договор, човеков треба да дојде и да се појави на избори. Треба да се појави пред народ и ќе изгуби со најголем пораз во историјата на СДСМ. Тој така и се однесуваше денеска, а впрочем и видовте во текот на денот пуштаа различни брифинзи со многу шпекулации, многу неточни работи што дополнително укажува дека тој сакаше да ги уништи денешните разговори и можноста да се дојде до договор. Човек што сака да се постигне договор, не оди на таков начин. Тој сакаше да не се постигне договор, најпрво за да не оди на избори и второ колку што е можно повеќе да и направи штета на економијата на државата. Да се запре отворањето на нови работни места, верувајќи дека во еден таков хаос што ќе го предизвика, тој и неговата партија дека ќе имаат тука нешто политички да добијат. Тоа е неговата цел. Ниту договор, ниту избори, само правење на економска штета на Македонија“ – додаде Груевски.

На прашањето на дописникот на МИА од Брисел, дали Заев го урнал и договореното од Скопје минатата недела, а тоа е организирање на предвремени парламентарни избори во април идната година, првиот човек на македонската Влада рече дека за договорот од Скопје да се реализира, денеска било потребно да се договорат деталите како ќе бидат организирани наредните избори.

„Заев бега од тоа, поставува такви услови што знае однапред дека не може да се договори. Така да, целта не му е да се договори, туку да не се договори и да се одолговлекува работата, сите во Македонија, цела држава, два милиони луѓе да живееме како негови заложници, чекајќи да се разреши некаква криза, да се решат работите, да почне да тоне економијата, а избори да нема. Причината е што тој ќе ги изгуби изборите и тој тоа го знае“ – одговори Груевски.

За тоа дали тој прифатил преодна или техничка Влада и оставка на премиерското место пред наредните избори, Груевски со одговор: – Денеска имаше многу шпекулации, а да беа точни истите, вклучително и ова, тогаш вечерва ќе имавме договор. Зошто тогаш немаме договор оваа вечер? Затоа што сите шпекулации што ги добивавте од страна на СДСМ беа неточни, дециден е македонскиот премиер.

За тоа што било клучна точка на сопнување при непостигнувањето на договор, според Груевски, тоа е единствено претседателот на СДСМ.

„Човекот дојде да не се договори. Тој дојде со така изградени позиции што во најголем дел и му ги градат други луѓе што се блиски до СДСМ, дали се тоа претставници на невладини организации, дали се одредени универзитетски професори или некои, не знам, уредници на весници итн., тие му ги градат ставовите и тој доаѓа со тоа и прави се да не се договори, бидејќи договорот ќе значи чист пат за предвремени избори на кои тој треба да се соочи со народ. Не со Никола Груевски само, треба да се соочи со два милиони гласачи на Република Македонија и да ја добие нивната доверба. Не, тој сака обратно. Да не се случат така брзо изборите, да пропаѓаат вака преговорите како што денеска пропаднаа, за да се одложат изборите што минатиот пат се договорија и истоврмеено економијата да трпи. Доаѓањето на нови инвеститори да се забави или да прекине, да не се отвораат нови работни места, да почне да тоне економијата и тој тука верува дека ќе го најде својот политички спас. Дека нема да оди економијата, ќе запре отворањето на нови работни места, ќе паѓа индустриското производство, ќе паѓа извоз, ќе паѓаат инвестиции и можеби тој тука ќе добие нешто за или да не загуби или да загуби поблаго, бидејќи доколку сега отиде на избори, ќе го доживее најголемито пораз во историјата на СДСМ“ – заклучи Груевски.

За тоа што следува по овие неуспешни преговори, претседателот на македонската Влада рече дека тој е подготвен да продолжи да разговара:

„Ние сме целосно свесни за нашите одговорности и нашиот однос во целиот овој процес беше многу, многу внимателен. Бевме многу внимателни и прехтодните денови, со цел да не дадеме никаква изјава што ќе создаде проблеми на овие разговори и да не превземеме некаква чекори што ќе создадат проблеми за денешните дискусии и овој пристап ќе продолжи и во иднина. Ќе продолжиме да работиме многу внимателно и со договорност, бидејќи знаеме дека ние имаме поддршка од мнозинството граѓани што очекуваат одговорност од наша страна. Одговорно однесување е нашиот одговор на вашето прашање. Се разбира, ако Заев е отворен за разговори, ние исто така сме отворени за разговори“ – заврши Никола Груевски.