Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес во изјава за медиумите, истакна:
„Еден дел од нашата јавност е веќе информирана што тоа точно се случи во Брисел. Можам да кажам дека има квалитетен исчекор, но секако далеку од она што и е потребно на државата. Не се работи само за барањата на опозицијата, Граѓаните за Македонија, коалицијата или целото ова опозициско движење, се за она што навистина е добро за Македонија, коешто ќе донесе до стабилизирање на институциите, до враќање на корективите во општеството, до нормализирање на состојбите, што на крајот ќе кулминира, крајот на април, со слободна волја на граѓаните изразена преку изборите.
Секако нашите барања се јасни, зошто тоа така треба да се постигне и од тој аспект јас очекувам дека евентуално следниот чекор може да донесе до конечно решение. Претпоставуваме дека е тешко и мачно за сите учесници во разговорите и преговорите, но истиот момент кога ќе сфатиме дека не се важни нашите суети, нашите позиции вака вкопани во ровови, во истиот тој момент ќе знаеме дека одлучуваме за иднината на нашата земја. Ако тоа не го почувствуваме тогаш и не би требало да се договориме. Договор да има само колку да има договор, а притоа да има местенки под маса, зад маса, нешто тајно, скришно, порано или покасно ќе излезе на површина.
Сум задоволен заради тоа што работите се движат во наш очекуван правец, но не можам за жал сеуште да соопштам радосна вест за граѓаните на Македонија. Она коешто престои пред нас се следните чекори и во недела заедно со граѓанските организации, заедно со политичките партии од коалицијата на опозициското движење и со другите партиципиенти ќе одржиме заедно состанок да ги дефинираме сите наредни активности на Граѓаните за Македонија соодветни за периодот во којшто функционираме, а секако во функција на успех за враќање на Македонија во нормала. Tолку месеци издржавме, толку месеци покажавме и храброст и решителност и одважност, но пред `се и трпение и мирољубие и ненасилство и `се, на крајот ни треба уште малку трпение да ја постигнеме конечната цел.
Сум генерално оптимист и позитивен во поглед на тоа, знам дека и пријателите од Европската Унија, а секако и амбасадорот Бејли кој беше вклучен, `се се повеќе информирани за вистинските состојби во Македонија и имаат се повеќе разбирање, така што конечниот исход мора и ќе биде исклучиво во полза на интересот на граѓаните на Република Македонија.“– изјави Заев.
Извор: www.sdsm.org.mk