Груевски: Во моментов во Македонија се градат околу 230 километри патишта

Во моментов во Македонија се градат околу 230 километри, што автопатишта, што регионални патишта, што локални патишта и ангажирани се над 2500 работници, а тој број ќе расте во наредните месеци и години, изјави денес премиерот Груевски при неговата посета во охридско-струшкиот регион.

„Градбата на автопатот Кичево-Охрид ќе значи, прво и основно за жителите кои што тука живеат, во Охрид, Струга, Вевчани, Дебрца и околните населени места и тие најчесто го користат одејќи кон Скопје или Кичево, а ќе значи многу и за туристите, ќе значи и за градежниот сектор, за оние ангажирани компании од регионот како подизведувачи, така што станува збор за исклучително важни зафати кои ќе дадат нов имплус на економскиот развој на регионот и особено на Охрид плус на развојот на градежништвото и на туризмот“ изјави Груевски, одговарајќи на новинарско прашање.

Премиерот Груевски информираше дека веќе се работи и еколошката студија за експресниот пат Охрид – Пештани.

„Ние ќе бидеме многу внимателни околу еколошките аспекти поврзани со овој пат и сме многу внимателни, така што тоа тоа сакам да го потенцирам за граѓаните на Охрид да се свесни дека многу внимаваме на тој дел  и затоа многу внимателно се подготвува еколошката студија. Доколку се е во ред со таа еколошка студија, очекуваме некаде крајот на оваа, почетокот на следната година да започне изградбата на овој експресен пат помеѓу Охрид и Пештани. Заедно овие два патишта, експресниот пат помеѓу Охрид и Пештани и патот Охрид-Кичево се во износ од околу 240 милиони евра, инвестиција која што директно е поврзана со Охрид и охридскиот регион“. Покрај ова како што знаете во завршна фаза сме на подготовки за објавување на јавен повик за изнаоѓање концесионер на патот помеѓу Кичево и Гостивар“. – истакна Груевски.

WebOhrid