Основното училиште „Страшо Пинџур“ во Вевчани доби нова спортска сала

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски и Претстедателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска го посетија струшко – вевчанскиот регион. При посетата ја пуштија во употреба новата спортска сала на основното училиште „Страшо Пинџур“ во општина Вевчани.

Новоизградената сала е уште едно остварено ветување на Владата на Република Македонија за осовременување на образовната и спортската инфраструктура во струшко -вевчанскиот крај, истакна Ристовски.

„Спортскиот храм е дел од проектот за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали. Во него се вложени 40 милиони денари, обезбедени од Буџетот на Република Македонија и Банката за развој при Советот на Европа“, рече Ристовски.

Минатата учебна година, учениците од Вевчани ја започнаа во новиот објект на училиштето “Страшо Пинџур“ за кој беа инвестирани 65 милиони денари. Од септември ќе ја користат новата спортска сала која се протега на површина од 1.300 м2 и претставува современ спорски објект со капацитет од 400 седишта, со гардеробери, туш-кабини, санитарни јазли, најсовремена опрема за спортување, простории за сместување на спортските реквизити и посебни простории за наставниците. Покрај тоа што во салата ќе се одржуваат часовите по спорт и спортски активности, објектот за рекреација ќе можат да го користат и жителите од овој крај.

Во рамки на посетатат на струшко-вевчанскиот регион, Ристовски и Груевски го посетија и целосно реконструираното подрчно основно училиште „Мурат Лабуништи“ во стршкото село Боровец, за што Министерството за образование и наука инвестираше 6,5 милиони денари.