СДСМ: Преодна Влада без Груевски за обезбедување на минимални услови за фер и демократски избори

Денеска се одржа заеднички консултативен состанок на претставници од сите политички партии на опозицискиот блок, коалициски партнери на СДСМ но и партии со коишто се прошири соработката.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ги запозна претставниците на партиите од опозицискиот блок за текот на лидерската средба одржана во Брисел, под покровителство на Европската унија.

Политичките партии од опозицискиот блок дадоа силна поддршка на Претседателот Зоран Заев и на принципиелните позиции и ставови со коишто настапува во разговорите, барајќи начин за излез од длабоката политичка криза во којашто се наоѓа Република Македонија.

Заеднички беше констатирано дека можностите за продолжување на разговорите, на принципиелно и рамноправно ниво, може да се разгледуваат уште многу кратко време.

Преодна Влада во којашто нема да учествува Никола Груевски е основен принцип за да може да се гарантираат минимални услови за организирање на фер и демократски избори во Република Македонија. Само на тој начин ќе може да се стабилизираат институциите, да се нормализираат состојбите и да се вратат механизмите на контрола во општеството за конечно граѓаните слободно да ја искажат својата волја на демократски избори.

На состанокот се разменија и мислења за понатамошни активности и делување на опозицискиот блок. Во духот на демократските принципи и вредности консултациите ќе продолжат со граѓанските организации, граѓанските активисти и поддржувачи како и во рамки на самите партии.