Претседатеделот на СДСМ, Зоран Заев денес одржа прес-конференција, на која истакна:
„Денешната прес конференција ја одржуваме во седиштето на партијата, а не во Кампот на слободата, поради потребите за прес конференцијата.
Треба внимателно да ги слушнете снимките и внимателно да ги проследите преводите преку титловите на видео бимот.
Со аудио доказите што ќе ги презентираме денеска продолжуваме и конкретно да го откриваме вистинското лице на врвот на ДУИ.
Јасна е нивната одговорност за ужасната состојба во Македонија во секоја смисла, и од досега презентираните докази и аргументи, затоа што ништо од тоа што го направил Груевски, од криминал и корупција до удар врз човековите слободи и права, не би можел да го стори без знаење и поддршка на неговиот коалициски партнер ДУИ.
Кажав и дека од ДУИ биле многу внимателни кога зборуваат по телефон, што покажува дека добро знаеле дека се прислушувани. Но сепак, аудио снимките што ќе ги слушнете денеска, се доволни да го разобличат владеењето на тесната група во ДУИ, кое што по многу нешто наликува на владеењето на тесната група на Груевски. Причините за нивната трпеливост во Владата и кога беа потценувани, упатуваат дека примарната цел не им биле граѓаните, нивното гласачко тело, туку моќ почитувани граѓани, власт за лични интереси, за пари.
Без заобиколување, да ја слушнеме првата снимка, којашто се однесува директно на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Како ги остварувал своите афинитети? Преку поставените луѓе од доверба. Во случајов, станува збор за претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Бекир Асани. Али Ахмети, замислете посредува, на некој бизнисмен да му се продаде објект во општината Чаир за 1.000 евра по м2. Или, како што вели самиот Ахмети: “Ако може да извадите 1.000 за метар квадрат, добро е“. Како Ахмети се затскрива дека стои позади зделката, покажува неговото барање до Асани: “Вие ќе му кажете дека као ќе биде тешко да ме убедите мене“.
Слушнете.
Ахмети не можел сам да го спроведува самоволието, како што ни Груевски тоа не го правел сам. Следува сега сет снимки каде што ќе ја видите на дело големата слика од владеењето ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ и таа, “плодна“ соработка, но за тесните групи функционери во нивните редови. Од овие разговори ќе слушнете како рушењето дивоградби не се одвива по закон, туку по партиски договор Груевски – Ахмети. Ќе го слушнете тоа од директен разговор помеѓу Никола Груевски и Али Ахмети. Не само незаконски, туку и апсурдно Груевски од позиција на премиер си дозволува да бара дозвола од Ахмети за рушење дивоградба во Чаир, а лидерот на ДУИ Ахмети, му дал дозвола на Груевски да се руши обектот. Прескокнати се и институции, и надлежности, тоа и во овој случај, како и во многу други се лично Груевски и Ахмети. Но во снимките што следуваат има и нешто уште поважно – дека рушење дивоградби може и да се стопира, иако не е законски. Под кои услови? За 100.000 евра меѓу функционерите на Груевски и Ахмети!
Во конкретниов случај, станува збор за објект, куќа, спроти Американската амбасада на Кале.
Овој сет снимки отвора и една друга димензија, подаништвото на функционери на ДУИ кон ВМРО-ДПМНЕ, односно неговиот врв. Ќе слушнете за битката во ДУИ кој да има подобар линк со врвот на ВМРО-ДПМНЕ, па Муса Џафери е навреден дека тој е ставен во втор план, а работите во случајов, отишле преку шефот на кабинет на Ахмети, Артан Груби.
Да ги проследиме следните 5 снимки.
Како што слушнавте, случајот отишол до таму, што имало налог од градежниот инспекторат за рушење и била побарана и асистенција од полицијата. Го слушнавте тоа лично од Јанкулоска. Но, почитувани граѓани, објектот за којшто станува збор до ден денес постои каде што и бил поставен, спроти Американската амбасада. Зошто, можеби ќе разјасни овој докумет од материјалите на УБК што ги поседуваме.
Вие ќе можете да го видите на видео бимот, ќе ви биде и поделен, а јас, за да биде појасно за јавноста ќе го цитирам само клучниот дел којшто вади на површина корупциски скандал. Транскриптот е од разговор помеѓу претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Бекир Асани и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Асани најдиректно му соопштува на Ахмети, цитирам: “Доколку ти рече тој нешто, ако крева прашина, ти речи му го тоа, ваква е работата, слободно кажи му, твојот зеде 100.000 евра за работа во Чаир, зашто тој Сашо Мијалков што беше директор, тој зеде 100.000 евра.“ “Тој“ на кој Ахмети треба да му го соопшти ова, според разговорот во првиот дел, е Груевски, со кого Ахмети имал закажано средба.
Овој случај покажува како одела соработката на функционери на релација ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ со корупциска позадина. А ова што сега ќе го слушнете, ќе покаже како тесна група во ДУИ, користејќи ги ресорите што ги водат, и самата се грижи за своите лични и тесно партиски интереси.
Во овој сет разговори се отвора сомнеж за уште еден корупциски скандал, овој пат со Слободната економска зона во Тетово во којшто е вмешан врвот на ДУИ. Лично од шефот на кабинет на Ахмети, Артан Груби, во разговор со Али Ахмети, ќе слушнете како информира дека тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини, се решил Слободната економска зона во Тетово да ја додели на фирма од Турција. На Груби му е чудно како може нивниот министер да го даде бизнисот на оваа фирма, а да биде отфрлена другата понуда. Таа понуда е на фирма од Норвешка, зад којашто, како што ќе слушнете од самиот Груби, стоел, Хаки. На албанската јавност во Македонија добро и е познато името на овој човек, кој важи за еден од главните финансиери на ДУИ. Ајде прво слушнете колку сериозна била одлуката на Сарачини бизнисот да го додели на фирмата од Турција.
Слушнавме, на норвешката фирма и фалеле документи. Според тоа, не би било чудно, фирмата од Турција да го добие бизнисот, бидејќи имала подобра понуда. Но она што денес е факт почитувани граѓани, е дека на крајот, на чуден начин, токму фирмата зад којашто стои, како што вели самиот Груби, Хаки, односно фирмата од Норвешка, ја добила Слободната економска зона во Тетово. Како, зошто, кој и на кој начин влијаел на одлуката на министерот Ваљон Сарачини, може само да се претпоставува.
Еве и преку докази се разјаснува потребата на ДУИ да ја одржува коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.
Третиот сет снимки ги открива амбициите во врвот на ДУИ, кога се прави пазарот со ВМРО-ДПМНЕ за поделба на места во Владата, да добијат ресори што носат до пари, а не до подобрување на условите за живот на граѓаните, па се потценуваат министерски позиции како што се образование, или одбрана на пример.
Но следните разговори ги покажуваат и отстатпките што ги правеле од ДУИ во владината коалиција, за да останат во власта. На пример, еден од разговорите открива дека бил исфрлен проект што Али Ахмети го промовирал во изборната програма, како на пример патот Призрен – Тетово. Лично тогашниот заменик министрер за транспорт и врски, Тахир Хани, му јавува на Али Ахмети дека 80 проценти од “проектите на ДУИ“ биле исфрлени од програмата на Министертсвото за транспорт и врски.
Слушнете го и овој блок разговори.
Врвот на ДУИ, почитувани граѓани, функционирал многу слично со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Не само по аздисаноста, по ориентираноста кон пари и лични интереси, туку и по механизмите што ги користеле за да останат на власт. На пример, следниот сет разговори открива на какви закани и инспекции бил подложен портпаролот Бујар Османи, затоа што кај него виделе амбиции за кандидат за градоначалник во Чаир. Меѓу овие разговори ќе слушнете како од ДУИ, во институциите што ги раководат, разрешуваат и враќаат директори по потреба, а не по закон, ќе слушнете признание и дека Тетовскиот универзитет е полн со кадри на ДУИ, преку реакцијата на пратеникот Џевад Адеми, кој му се жали на Ахмети дека биле бркани нивни луѓе.
Слушнавме за незаконско и криминално дејствување на функционери на ДУИ. Последниот сет аудио снимки, почитувани граѓани, открива лицемерие. Тоа лицемерие со коешто манипулираат од ДУИ исто како и од ВМРО-ДПМНЕ, играјќи на националистичка карта, со што ги држат граѓаните заложници на лажен национализам.
Така ќе слушнете како Фатмир Бесими кога беше министер за одбрана тајно се сретнал со Борис Тадиќ во Америка, како влијателниот во ДУИ, Муса Џафери самиот за себе кажува дека бил “по каур и од каурите“ и на крајот почитувани граѓани ќе слушнете и какви навредливи зборови, директно од врвот на ДУИ паѓаат врз поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко. Тоа е истиот Рамиз Мерко кого истиот тој врв на ДУИ што го навредувал, пред неколку дена го именуваше за член на Претседателството на ДУИ.
Еве го последниот сет разговори.
Има ли нешто повеќе што не е јасно, што не е кажано, што треба да се расветли.
Принципите на владеење се тие. Тесна група на ДУИ исклучиво за лични интереси ја држи партијата во Владата на Никола Груевски. Убедени сме дека и во ДУИ, како и во ВМРО-ДПМНЕ има чесни луѓе, кои не се согласуваат со ваквиот начин на владеење на ДУИ.
ДУИ одигра клучна улога изминатите 7 години во одржувањето и поддржувањето на режимот на Никола Груевски.
Чесните луѓе и функционери во ДУИ можат повторно да ја одиграат клучната улога за Македонија, но во позитивна смисла.
Сите ние, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други имаме право да живееме во нормална, слободна и демократска Република Македонија, земја интегрирана во светските организации, а не пашалук на неколкумина, независно од нивната национална припадност.
Почитувани граѓани, независно од различностите по која било основа,
Сите ние имаме и обврска да се избориме за ваква заедничка иднина во заедничка и просперитетна Република Македонија.
Ги повикувам чесните функционери на ДУИ и нивните поддржувачи, да ја напуштат Владата на Никола Груевски којашто направи егзистенцијален и демократски потоп во Македонија, сите заедно да ја формираме владата којашто ќе ги подготви и организира изборите и заедно низ слободни и демократски избори да ги спасиме и граѓаните и државата.
Да не дозволиме ова никогаш повеќе да се повтори. Продолжуваме…“- истакна Заев.
Извор: www.sdsm.org.mk