Во рамките на вторите акцијашки средби што од утре до 21-ви јуни ќе се одржат во Охрид со учество на 100 акцијаши од Охрид, Скопје, Куманово и Белград – Република Србија, ќе биде извршено ЗБРАТИМУВАЊЕ на Здружението на акцијаши „Брег на младоста“ од Охрид –Република Македонија и Удружење граџана „Акцијаш“ од Белград- Република Србија.
Свеченоста ќе се одржи на 20-ти јуни (сабота) во 13 часот во Детското одмаралиште „Радости“ – поранешно Детско одмаралиште „Сутјеска“.
Во рамките на вторите акцијашки средби организирани од Здружението на акцијаши „Брег на младоста“ од Охрид ќе се изведат неколку локални акции за расчистување на брегот на Охридското езеро и две еко-работилници. Со цел заживување волонтерскиот дух кај младите ќе биде иницирана идејата за организирање на меѓународен волонтерски камп. Со овие активности, Здружението на акцијаши „Брег на младоста“ од Охрид се вклучува во одбележувањето на 21 јуни- Ден на Охридското езеро.
Меѓу учесниците на годинешниве втори акцијашки средби се акцијаши што пред 30 години учествуваа во изградбата на патот Охрид – Ресен, водоводот од Охрид до Метропол и ископувањето на амфитеатарот во Охрид. Тие повторно ќе ги посетат местата каде пред три децении вложиле дел од својата младост, ентузијазам и се вградиле во подигнувањето на Охрид и регионот.