Томи Стефановски на прием во Агенцијата за млади и спорт

Спортист на годината 2010, освојувачот на Светската серија во маратонско пливање за 2016 и еден од носителите на Националното спортско признание за врвни спортски остварувања, Томи Стефановски беше гостин во куќата на спортот.

На 14 август 2009 година, Стефановски го совлада каналот Ла Манш, постигнувајќи време од 7 часа, 42 минути и 32 секунди, што претставува 11 време во историјата на препливувањето на каналот Ла Манш. На тој начин, тој стана третиот Македонец кој го препливал овој канал, по Нико Нестор во 1959 година и Атина Бојаџи во 1969 година.

Неколку сезони по ред, Стефановски се наоѓа во врвот на светското маратонско пливање, каде во гран-при серијата двапати бил четврти на конечната ранг листа во 2011и 2013 година. Најголемиот успех го оствариво сезоната 2014, кога на две трки до крајот, тој беше водечки пласиран во гран-при серијата на најдолги светски маратони на ФИНА, со 46 бодови. Сепак, на крајот, тој завршил на второто место во конечниот пласман. Како признание на одличните резултати во сезоната, Стефановски се наоѓа на списокот на 11 пливачи кои Светската асоцијација за пливање на отворени води ги номинираше за изборот на најуспешниот пливач на отворени води за 2014 година. Притоа, во номинацијата било нагласено дека и покрај возраста и шесте операции на рамењата, Стефановски покажал вистински спортски дух.

Томи ја завршува својата кариера во голем стил, тој е победник на 30 Охридски маратон (2016 година), а со освојувањето на шестото место во Капри, тој има ист број бодови со Стокино, со што ќе ја подели светската шампионска титула за 2016.

Откако ја освои Светската серија во маратонско пливање за 2016 година, Томи Стефановски минатата седмица беше претставен во „Куќата на славните“ во Лос Анџелес, Калифорнија.

„Навистина ми е драго бидејќи не го очекував сето ова. Убаво е да се добие ваква чест, особено гледајќи колку внимание на сето ова му посветија во САД, и тоа од великани кои се во возраст од 70 до 80 години,“ – изјави Стефановски

Онака како што и ги постигна сите успеси во неговата кариера, Стефановски скромно и без помпезност се врати во татковината која што може да биде горда дека има великан од негов калибар.

Македонскиот пливач Томи Стефановски на најдобар можен начин ја заврши својата последна сезона во маратонско пливање, освојувајќи ја светската титула во Гран-при серијата на ФИНА.