Македонија минатата година оствари добри економски резултати и го реализираше Буџетот согласно очекувањата и предвидената рамка, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески пред членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Изнесувајќи ја Предлог-завршната сметка за ланскиот Буџет, Ставрески подвлече дека во 2014-та е остварен економски раст од 3,8 проценти што е втор најдобар резултат во Европа по Ирска, странските директни инвестиции достигнаа 262 милиона евра или 10 милиони повеќе од 2013-та, невработеноста е намалена за еден процентен поен и изнесуваше 27,6 отсто, а се реализираа и предвиденото зголемување на пензиите, како и обврските во однос на земјоделските субвенции.
Остварени се 145 милијарди 929 милиони денари приходи или 94 проценти од планираните, додека расходната страна на буџетот се реализира со 96 проценти од проектираното.
„Реализацијата на Буџетот овозможи добри економски резултати и задржување на фискалната и макроекономската стабилност што е значајно за Македонија како мала земја во која мора да се води сметка за вкупното ниво на долг и на буџетскиот дефицит, а од друга страна буџетот да се искористи како главен инструмент за поддршка на економскиот раст“, истакна вицепремиерот.
Според него, економскиот раст беше главно придвижен од бруто инвестициите и извозот. Извозот забележа раст од 17 проценти што најмногу се должи на производството во капацитетите во слободните економски зони, а беше поткрепен и со постепеното подобрување на состојбите во европската економија која забележа раст од 1,4 отсто.
„Добро е што растот на извозот беше придвижен и со промена на структурата на извозните производи кон продукција со повисока технолошка вредност. Бруто инвестициите исто така имаат двоцифрена стапка на раст од 13,5 проценти пред се како резултат на значајните инвестиции во јавниот и приватниот сектор, најмногу во градежништвото“, посочи Ставрески.
Позитивните движења на економски план, оцени министерот за финансии, се одразија и врз намалување на стапката на невработеност. Просечната стапка на инфлација, пак, беше минус 0,3 отсто што најмногу е резултат на цените на течните горива, односно на нафтата која имаше надолен тренд на светските берзи.
„Дефицитот на тековната сметка како резултат на овие движења изнесуваше 1,3 проценти што е пониско за 0,5 процентни поени во однос на 2013 година, странските директни инвестиции (СДИ) достигнаа 262 милиона евра што е за 10 милиони или за четири отсто повеќе од 2013 година. СДИ достигнаа 3,1 процент од БДП што е слично на нивото од 2013 година, бруто-девизните резерви изнесуваат две милијарди 432 милиони евра или за 22 процента повеќе од 2013, а тоа во добар дел се должи на издавањето на еврообврзницата“, рече Ставрески.
Фискалната политика, додаде, како една од клучните во 2014 година, се реализираше во насока на одржување стабилност и одржливост на нивото на буџетски дефицит и јавен долг, истовремено овозможувајќи поддршка на развојот на економијата и исполнување на обврските кон социјалните категории.
„Во рамки на планираните износи на буџетот се остварија 145 милијарди 929 милиони денари приходи и тие се наменети за финансирање на расходите кои достигнаа 168 милијарди и 62 милиона денари. Ваквото ниво на буџетски приходи и расходи резултираше со дефицит кој беше во рамки на очекувањата. Вкупните приходи се остварени на ниво од 94 проценти од планираните што е малку подобро од вообичаената динамика. Најмногу во тоа придонесоа приходите по основ на ДДВ (51,5 отсто) и акцизите, околу 20 проценти“, истакна вицепремиерот.
Неданочните приходи се 10 милијарди 634 милиони денари, главно по основ на такси, концесии,…, додека капиталните приходи достигнаа една милијарда и 874 милиони денари од кои половината се дивидендата од Телеком.
Тековните расходи беа 2,4 отсто пониски од планираното и нивната реализација овозможи редовно извршување на сите активности на буџетските корисници. Учеството на трансферите е 71 процент во рамки на тековните расходи, платите се околу 15 проценти, стоките и услугите околу 10 проценти, додека 3,4 отсто се каматните плаќања.
„Во 2014 се рализираше зголемувањето на пензиите и социјалните надоместоци за пет отсто согласно планираното во владината програма. Вкупно 296.000 пензионери добија зголемени пензии кои во просек изнесуваа 12.487 денари. Соодветно на планираното се реализираа и обврските во однос на земјоделските субвенции, а капиталните расходи достигнаа 17,623 милијарди денари што е за шест отсто повеќе од 2013 година“, нагласи вицепремиерот.
Според него, капиталните расходи се однесуваа на големиот број инфраструктурни проекти меѓу кои и најкрупните: Коридорот 10 (делницата Демир Капија-Смоквица) каде беа реализирани 2,292 милијарди денари, реконструкција на железничката пруга на истиот Коридор и на пругата во еден дел кон Бугарија во износ од 529 милиони денари, вложувањата во енергетиката и комуналната инфраструктура 2,260 милиајрди денари и зе технолошките зони 267 милиони денари, инвестиции во здравството 1,228 милијарди денари, образованието, спортот и детската заштита 1,491 милијарда денари, земјоделството и руралниот развој 957 милиони денари, како и правдата и правосудството 213 милиони денари.
Финансирањето на буџетскиот дефицит се реализираше преку комбинација на домашни и надворешни инструменти со емисија на државни хартии од вредност и на еврообврзница во износ од 32 милијарди и 225 милиони денари.
„Како резултат на реализацијата на минатогодшниот буџет, Македонија и натаму го одржува нивото на долгот на умерено ниво и според предвидената динамика. Државниот долг на крајот од 2014 година достигна 38,2 процента од БДП. Во таа цифра е вклучена и еврообврзницата што подоцна, во текот на 2015 година ова ниво дополнително се намали бидејќи исплаќавме обврски со средствата што беа земени со еврообврзницата како и со домашните хартии од вредност“, потенцира Ставрески.
И оваа цифра од 38 проценти, подвлече, е четврт најнизок државен долг во ЕУ во однос на останатите земји.
Во текот на 2014 година Македонија доби уште една потврда на рејтингот од двете најреномирани агенции врз база на стабилните фискални и макроекономски параметри.
Комисијата за финансирање и буџет претходно ги поддржа и предлог-измените на Законот за персонален данопк на доход по што одлучи да се дадат на натамошно, второ читање.