Чавков: „Грижата за човекот, за граѓанинот за МВР е на прво место“

„Полицијата и граѓаните не се два спротивставени концепти. Напротив, грижата за човекот, за граѓанинот за МВР е на прво место. Тоа впрочем го потврдуваме и со нашето постојано присуство и интерес за безбедносната состојба на подрачјето на општина Куманово“Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи м-р Митко Чавков којшто денес заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Горанчо Савовски го посети Куманово, односно се сретна со претставниците на Месната заедница “Тоде Мендол“, како и со претставници на невладиниот сектор од градот.

Во своето излагање министерот Чавков нагласи дека – “свесни сме дека процесот на градење доверба во работата на полицијата, не смее да се анализира независно од процесот на јакнење на степенот на професионализам во полициското работење и зголемуавње на квалитетот на услугите што полицијата им ги дава на граѓаните, односно на заедницата“.

Инаку цел на денешната работна посета беше да се направи согледување за моменталната состојба на подрачјето на оваа меснАа заедница во насока на заедничко утврдување на приоритетите за дејствување и зајакнување на комуникацијата меѓу полицијата и граѓаните.

Во продолжение интегрално го пренесуваме излагањето на министерот Чавков:

„Полицијата и граѓаните не се два спротивставени концепти. Напротив, грижата за човекот, за граѓанинот за МВР е на прво место. Тоа впрочем го потврдуваме и со нашето постојано присуство и интерес за безбедносната состојба на подрачјето на општина Куманово.

Во изминатиов период се соочивме со одредени проблеми кои значително влијаеја на квалитетот на безбедноста, но евидентно е дека и ние како Министерство кое е надлежно за одржување на јавниот ред и мир и безбедноста, но и Вие како граѓани покажавме зрелост и подготвеност да се соочиме со состојбата и заеднички да дејствуваме за Куманово да биде безбедна средина за живеење за сите граѓани.

Притоа, свесни сме дека процесот на градење доверба во работата на полицијата, не смее да се анализира независно од процесот на јакнење на степенот на професионализам во полициското работење и зголемуавње на квалитетот на услугите што полицијата им ги дава на граѓаните, односно на заедницата.

Во оваа прилика дозволете ми низ празмата на дел од статистичките показатели да илустрирам дел од полициските активности на подрачјето на СВР Куманово коишто говорат како за обемот на работата, така и за ефектите и резултатите на полициските служби од овој сектор на внатрешните работи. Имено, споредбено гледано во текот на минатиот месец, во споредба со истиот период лани на подрачјето на ПС од ОН Куманово евидентирано е намалување на кривичните дела кои се гонат по службена должност од 36,3%, во споредба со лани, односно регистрирани се 58 кривични дела наспроти 91 кривично дело минатата година. Притоа особено е воочливо намалувањето кај кривичните дела “тешки кражби“ каде што тој процент и тоа за петте месеци од годинава изнесува 48,1 отсто наспроти истиот период лани. Идентична е состојбата и во делот на јавниот ред и мир каде што, на пример во делот на физичките напади е регистрирано намалување од 5,8 отсто во споредба со ланските пет месеци.

Се разбира, од полицијата се очекува ефикасен проактивен пристап што го намалува степенот на виктимизирање на граѓаните и во тоја правец дејствува полицијата, односно сите ресусрси се насочени кон превенирање на состојби кои го загрозуваат јавниот ртед и мир или кои предизвикуваат криминално однесување кај поединци или групи.

За МВР е повеќе од јасно дека за да може полицијата да го постигне потребното ниво на доверба треба да манифестира активен однос кон граѓаните и кон заедницата во своето секојдневно работење на начин што ќе се интересира за безбедносните потреби и стравови на граѓаните, ќе ги информира, ќе ги советува и ќе организира и презема активности насочени кон нивна заштита од виктимизација. Од тие причини е организирана и денешната средба, односно преку заедничко дејствување да покажеме подготвеност да се справиме со предизивиците со кои се соочивме во изминатиов период.

Полицијата на СВР Куманово и понатаму ќе продолжи со постојано присуство на терен да биде достапна за граѓаните но и будно да ги следи состојбите.

За нас е од особено значење да ги знаеме локалните проблеми, да комуницираме и да воспоставиме систем на доверба кој ќе значи отворена дискусија, препознавање на ризиците но и заедничко дејствување за решавање на проблемите, затоа што ефикасноста на полицијата секаде во светот е зависна од подготвеноста на луѓето да соработуваат со неа“. – рече Чавков.