Првите 16 старт ап компании потпишаа договори со Фондот за иновации

Претставници на 16 млади компании чии проекти беа избрани на првиот конкурс за кофинансирани грантови на стар ап и спин оф претпријатија и иновации распишан од Фондот за иновации и технолошки развој денеска ги потпишаа договорите со Фондот за нивна реализација во вкупна вредност од 458.700 евра.

Пред присутните се обрати премиерот Никола Груевски кој настанот, кој е прв од овој вид, го означи како испишување нова историја во делот на поддршката на иновативните идеи во Република Македонија.

„Моето лично задоволство, пред се, произлегува од мојата длабока убеденост дека развојот на иновативниот и претприемачки дух во Македонија е процес кој треба интензивно да се помага и поттикнува посебно затоа што тоа не било правено во минатото, а процесот е од големо значење за многу развојни сегменти во нашата држава. Овие процеси се особено важни, пред се, поради фактот што и по повеќе од 20 години од напуштањето на социјализмот, развојот на претприемачкиот дух и иновативниот пристап во нашата земја е се уште на едно релативно ниско ниво. Тоа не е присутно само кај повозрасните, туку и кај значително мнозинство на млади луѓе кои воопшто не го живееле времето на социјализмот, а сепак ги чувствуваат влијанијата од тоа време“, рече премиерот Никола Груевски.

Според него, се уште е широко распространет менталитетот на пасивна индивидуа и филозофијата дека најбитна е дипломата, а државата е таа која треба да најде соодветно вработување за таа диплома без будење на креацијата кај младите луѓе како самите да заработат, да направат бизнис, да се самовработат. Ова, додава, делумно е резултат на воспитанието пренесено од родителите, на образовниот систем во Македонија, кој иако во изминатите 20 години постепено се менуваше генерално ја занемаруваше праксата и поттикнувањето на креативниот потенцијал кај младите, но и на немањето слух и поддршка од страна на претходните влади кон поединци и фирми во делот на иновациите и претприемништвото.

„Целата оваа атмосфера ние како Влада решивме сериозно да ја промениме. Во изминативе неколку години преземавме бројни мерки и кампањи и конкретни проекти за поттикнување на претприемништвото и иновативниот дух кај населението, да го разбудиме креативниот дух кај младите, да ги поттикнеме да бидат похрабри, да веруваат во себе и да го искористат максимумот од своето знаење, вештини и идеи“, рече премиерот Груевски.

Во тој контекст ги наведе бројните измени во наставните содржини за основно и средно образование, воведување комплетно нови наставни програми по предмети поврзани со претприемништвото, бизнисот и иновациите, донесувањето национална стратегија за претприемачко учење, како и донесувањето Закон за иновации чиј составен дел е и формирањето на Фондот за иновации и технолошки развој како централна институција за развој и спроведување на националната политика за иновации и технологии.

„Вашите проекти се одличен пример дека Македонија располага со моќни умови, храбри луѓе и со силна база на креативен и иновативен потенцијал. Се надева оти со овој прв оглас преку Фондот за иновации и технолошки развој ја раздвиживме базата на креативен и иновативен потенцијал со која Македонија располага“, рече премиерот Груевски.

Тој најави дека до крајот на годинава е планирано преку ФИТР да се распише уште еден повик за поддршка на иновативни проекти. Вкупниот буџет за 2015 година за оваа намена изнесува 2 милиони и 280 илјади евра, а до крајот на 2017 година вкупно 10 милиони евра за поддршка на овој вид проекти.

Директорката на Фондот Јасмина Поповска изрази задоволство од интересот, бројот на апликации, како и од иновативноста на пристигнатите предлог-проекти на првиот распишан повик за кофинансирање грантови на старт ап претпријатија и иновации.

„Ова беше препознаено и од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции составен од меѓународни експерти кои ја донесоа одлуката за финансирање. Успехот се должи и на добрата соработка со партнерите на Фондот – претставниците на Светска банка, стопанските комори, универзитетите и општините“, рече Попоска.

Никола Бојков, еден од добитниицте на грант, истакна дека оваа поддршка е многу значајна за стар ап компаниите во Македонија и ќе им овозможи да се фокусираат повеќе на развој на производи и иновации отколку да се работи само на аутсорсинг.

„Нам ќе ни помогне многу да го забрзаме развојот и промоцијата на нашата платформа“, рече Бојков.

Бојан Џуричич, коспоственик на Идекс системи, еден од добитниците на грант од Фондот за иновации, истакна дека средствата ќе ги искористат за развој на нивната апликација која може да се користи за навигација во затворени комплекси како трговски центри и аеродроми.

„Ние сме мала компанија со ограничени ресурси за развој и за истражувања, така што овие средства се добредојдени да профилираме еден продукт и да се обидеме поагресивно да настапиме на светскиот пазар“, вели Џуричич, според кого не било тешко да се аплицира за грантот од Фондот.

Во втората половина од оваа година ќе биде објавен и втор повик за сите инструменти на Фондот со расположлив буџет во износ од милион и 680 илјади евра.

Платформа за навигација и известување во затворени простории, микропроцесорко управување на печки на пелети, изработка на интелигентни лежечки полицајци, системи за домашна автоматизација се дел од 16 – те проекти кои се избрани на првиот повик на Фондот за кофинансирани грантови на старт ап и спин оф претпријатија и иновации.