По првиот успешен конкурс за кофинансирани грантови на стар ап и спин оф претпријатија и иновации, Фондот за иновации и технолошки развој денеска ги потпиша договорите со претставниците на 16 компании, чии проекти беа избрани во рамки на конкурсот. За реализација на овие проекти беа доделени вкупно 458.700 евра, а во втората половина од оваа година ќе биде објавен и втор повик за сите инструменти на Фондот со расположлив буџет во износ од милион и 680 илјади евра.
Дел од наградените проекти вклучуваат платформа за навигација и известување во затворени простории, микропроцесорко управување на печки на пелети, изработка на интелигентни лежечки полицајци и системи за домашна автоматизација.
Поддршка на настанот даде и Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, кој на потписниците на договорите им порача дека нивните проекти се одличен пример дека Македонија располага со моќни умови, храбри луѓе и со силна база на креативен и иновативен потенцијал и се надева оти со овој прв оглас преку Фондот за иновации и технолошки развој се раздвижува базата на креативен и иновативен потенцијал со која Македонија располага.
Тој посочи дека во изминативе неколку години се преземени бројни мерки и кампањи и конкретни проекти за поттикнување на претприемништвото и иновативниот дух, како бројните измени во наставните содржини за основно и средно образование, воведување комплетно нови наставни програми по предмети поврзани со претприемништвото, бизнисот и иновациите, донесувањето национална стратегија за претприемачко учење, како и донесувањето Закон за иновации чиј составен дел е и формирањето на Фондот за иновации и технолошки развој како централна институција за развој и спроведување на националната политика за иновации и технологии.