Покрај фудбал и ракомет, од годинава и кошарка на Спортската академија во ОУТУ „Ванчо Питошески“

Втора година по ред оформени и функционираат спортските паралелки за фудбал, ракомет,  а од годинава за првпат и кошарка во Спортската Академија во ОУТУ „Ванчо Питошески“ за учебната 2015/2016 година.

Целта на Спортската академија е учениците, спортски таленти да се оспособат да постигнуваат врвни спортски резултати и да се подготвуваат од рана возраст да станат членови на националните спортски селекции за фудбал, ракомет и кошарка.

Учениците беа подложени на посебна, специјално за оваа намена, креирана програма за образование и тренинг.

За работа со учениците се ангажирани стручни тимови составени од тренер и негов заменик и физиотерапевт. Кандидатите за упис во прва година, во средно училиште беа селектирани од стручна комисија. Селекцијата се одвиваше во три фази:

– Скаутирање од стручни лица

– Селекција од стручен тим и

– Последна фаза, тестирање на психофизичките способности од страна на стручна комисија.

Училишните часови се изведуваат според програма изработена од Бирото за Развој при МОН. Во програмата се предвидени општообразовни предмети и стручни предмети. Учениците-спортисти имаат предметен наставник по секој предмет кој ги оценува, а за време на практичната настава и тренинг за истите се грижи стручен тим од спортски тренери. Учениците-спортисти во Спортската академија се дел од процесот на Државна матура може да одлучуваат дали ќе полагаат државна или училишна матура, со тоа што тие што ќе полагаат државна матура ќе може да продолжат на студии. За потребите на наставниот процес ќе бидат ставени на располагање двата спортски објекта: СРЦ „Билјанини Извори“ и спортската сала „Тодор Александров“ во Велгошти.