Над 90 настани – концерти, претстави, поетски читања, стендап-комедии, филмски проекции, изложби… ќе опфати осмата манифестација „Топол културен бран“, која ќе се реализира во 30 општини во две етапи – од 20-ти до 31 јули и од 20-ти до 31 август.
Манифестацијата се организира по пат на конкурс на кој општините аплицираат со креирана програма, а Министерството за култура ја поддржува финансиски. Годинава се одвоени 4.700.000 денари.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција рече дека ја радува се поголемиот интерес на општините да бидат домаќини на содржини од „Топол културен бран“, чија главна цел е дисперзија на настаните од културата во сите делови на државата и нивна достапност за сите македонски граѓани. Во неколку туристички општини (Ресен, Берово, Крушево и Дојран) паралелно ќе се одвива и второто издание на проектот „Културно лето, културна зима“.
Канческа-Милевска рече дека и оваа година националните установи од сите дејности се отворени за соработка со општините во заложбата да се подигне свеста за културата, да се анимираат жителите, особено во малите општини и да се поттикне нивниот локален развој.
„Претходните изданија на овие манифестации дадоа одлични резултати. Уверена сум дека програмските содржини кои ќе бидат дел од програмата на овие манифестации оваа година и кои ќе ги реализираме заедно со локалната самоуправа, институциите од областа на културата и нашите уметници, ќе бидат соодветен одговор на потребите и барањата на граѓаните кои секоја година масовно ги посетуваат настаните“, рече министерката за култура. Додаде дека воизминатите седум години „Топол културен бран“ стекнал репутација со реализираните над 700настани, привлекувајќи го вниманието и на домашната публика, но и на посетители од регионот.
На прес-конференцијата беа и градоначалници на општини во кои се одвива и манифестацијата „Културно лето, културна зима“. Градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски рече дека покрај воопштината, содржините во рамки на Преспанското културно лето се дисперзирани на брегот на Преспанското Езеро, во Претор, Отешево и Крани, а настаните се атрактивни и за иселениците кои налето доаѓаат во родниот крај.
Градоначалникот на Берово Драги Наџински истакна дека нудат програма за различни вкусови и генерации, како и Борче Стамов на Дојран, кој посочи дека програмата од „Топол културен бран“ ја прошириле со настани во викендите. Централен настан во Дојранското културно лето е тридневниот „Д фестивал“ на кој ќе настапат 30-ина изведувачи. Очекува многу домашни, но и туристи од регионот.
Крушевскиот градоначалник Ѓорѓи Дамчевски истакна дека со Школата за гитара под менторствона Влатко Стефановски ќе почнат многубројните настани ова лето во Крушево, кое е посетено и заради историското минато и заради природните убавини. Деновиве таму се одржува меѓународен натпревар за параглајдери, а во претстојниот период ќе се одржуваат и манифестациите Денови на влашка култура, Крушево-етноград, Десет дена Крушевска република…
Градоначалникот на Македонска Каменица Дарко Митевски рече дека ваков проект е особено значаен за мали општини како нивната. Издвои неколку настани, меѓу кои многу посетуваната „Бабина баница“. Главниот настан таму ќе биде на 28 август (денот на Општината) кога, како што рече, ќе настапат голем број македонски и балкански ѕвезди.