Кон крајот на летото, односно почетокот на септември ќе почне изградбата на затворен базен во Охрид, информира денеска директорот на Агнцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
По посетата на учесниците на Летниот училиштен спортски камп – Охрид 2015, одговарајќи на новинарски прашања тој појасни дека во тек е тендерската постапка која АМС веќе ја распиша и очекува до крајот на август да имаме избрано најповолен понудувач и надзорен орган за изградба на базенот.
Затворениот базен, според Спасески, ќе се простира на површина од 15.000 метри квадратни.
„Базенот ќе биде со ватерполо димензии, со капацитет од над 500 седишта и можност сите млади спортисти кои сакаат да се занимаваат со пливање и сите водени спортови, но и граѓаните кои ќе сакаат рекреативно да спортуваат во зимскиот период ќе може тоа да го прават во затворенот пливачки базен. Новиот пливачки базен треба да ги реинкарнира спортовите по кои овој крај, охридско – струшкиот беше препознатлив, а тоа се ватерполо и пливањето“, изјави Спасески.