На патот кон Париз 2015: Подготвителни активности за COP 21

Во пресрет на Светската конференција за климатски промени која ќе се одржува во Париз од 30-ти ноември до 11-ти декември, Амбасадата на Франција, Канцеларијата на програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Скопје и Министерстово за животна средина и просторно планирање организираат низа настани за подигање на свеста кај широката јавност за прашањата поврзани со климатските промени и животната средина.

Како прва активност, во резиденцијата на Франција, на покана на Н.Е Лоренс Оер, амбасадор на Франција, а со поддршка на Луиза Винтон, постојан координатор на Обединетите нации и постојан претставник на УНДП во Скопје и Нурхан Изаири министер за животна средина и просторно планирање се одржа неформална работна средба со уредници и новинари кои работат на оваа тематика.

Посакувајќи им добредојде на присутните, амбасадорката Оер ја изрази подготвеноста на Владата на Франција како домаќин на претстоечкиот Самит и својата лична заложба за успешно организирање и постигнување на Договорот во Париз. При тоа таа укажа на важноста на медиумите и новинарите во обезбедување на вистинската, навремена и јасна информација за тема која иако е навидум премногу техничка не засега сите поеднакво.

Истакнувајќи дека Министерството за животна средина и просторно планирање ги препознава новинарите како клучни партнери во правилното и континуирано пренесување на информации и разбирањето на улогата на секој поединец во справувањето со климатските промени, министерот Изаири во поздравното обраќање посочи дека Република Македонија е посветени на усвојување на меѓународен обврзувачки договор во Париз кој ќе биде применлив за сите земји. Според него, тој треба да биде амбициозен, правно да обврзува, да е мултилатерален, да се заснова на правилата за глобално учество и да се заснова на информации од науката. Во однос на националната амбиција на Република Македонија, министерот Изаири истакна дека предложеното ниво на амбиција е намалување на емисиите на јаглеродниот диоксид во 2030 година, во секторот енергетика, за 30-36% во однос на сценариото без вклучување на мерки за намалување на емисиите. При тоа нашите очекувања се дека заложбите на меѓународната заедница ќе бидат балансирани со адекватни финансиски механизми и други форми на поддршка за земјите во развој.

DSC_0619 DSC_0621 DSC_0627